Нов голем удар за Европската фудбалска Суперлига

фото: EPA-EFE/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Европската фудбалска Суперлига денеска доби нов удар со што донекаде се намали можноста за формирање посебно натпреварување во кое би учествувале само најголемите и најбогатите клубови во Европа.

Претставниците на Суперлигата поднесоа жалба до Европскиот суд на правдата, тврдејќи дека ФИФА и УЕФА имаат монополска позиција, дека ги нарушуваат правата на конкуренцијата и забрануваат учество во алтернативни натпреварувања, но денешниот одговор од судот покажа дека тоа е неточно, пренесува „Атлетик“.

– Правилата на ФИФА и УЕФА, според кои се играат сите натпреварувања, се во границите на законите на Европската унија за натпреварувања – изјави главниот адвокат на Европскиот суд на правдата, Атанасиос Рантос.

Случајот се однесува на минатогодишниот спор меѓу УЕФА и ФИФА од една страна и Европската Суперлига од друга, кој пропадна за помалку од 48 часа по негодувањето од навивачите, владите и играчите кои ги принудија Манчестер јунајтед, Ливерпул, Манчестер сити, Челси, Тотенхем, Арсенал, Милан, Интер и Атлетико Мадрид да се повлечат.

Недолго потоа УЕФА излезе со соопштение.

– УЕФА го поздравува недвосмисленото мислење на главниот адвокат Рантос, што е чекор напред кон зачувување на постоечката динамична и демократска структура на европската фудбалска пирамида. Таквото мислење ја зајакнува централната улога на федерациите во заштитата на спортот, претставувајќи ги основните принципи на спортски заслуги и отворен пристап за сите наши членови – се вели во соопштението на УЕФА.

Иако мислењето на Европскиот суд на правдата не е обврзувачко, се смета дека е доволно силно за да се стави крај на идејата за формирање на Суперлига, која не би била под покровителство на УЕФА и ФИФА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот