„Њујорк тајмс“ пишува за желките од Голем Град: Имало по 19 агресивни мажјаци на една женка
Желките од Голем Град деновиве се најдоа и на страниците на „Њујорк тајмс“ – угледниот американски весник објави репортажа во која опишува дека желките на островот во Преспанското Езеро се во „драматичната демографска состојба“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На Голем Град има околу 1.000 ридски желки, а иако тоа е голема бројка – целата популација се соочува со ризик од колапс поради екстремната полова нерамнотежа: на секоја возрасна женка, на островот има по дури 19 мажјаци. Според истражувањето на херпетологот д-р Драган Арсовски, ваквиот сооднос создава силен притисок врз женките, што резултира со хроничен стрес, повреди и пократок животен век.
Научниот труд е објавен во списанието „Еколоџи летерс“ и ја отвора темата за тоа како изолиран екосистем, без очигледни надворешни закани како загадување или уништување на живеалишта, може да западне во криза поради внатрешна демографска диспропорција.
Во основата на проблемот е изразената сексуална агресивност кај мажјаците. Тие постојано ги прогонуваат женките, што доведува до исцрпување и физички повреди. Во извештаите се споменуваат и обиди за парење меѓу мажјаци, како индикатор за недостиг од женки и нарушена социјална динамика во популацијата.
Најдраматичниот аспект од истражувањето е однесувањето на дел од женките кои, обидувајќи се да избегаат од постојаниот притисок, се повлекуваат кон стрмните карпи на островот и паѓаат во провалија. Според научните модели, доколку трендот продолжи, последната женка на Голем Град би можела да исчезне до 2083 година.
Причините за ваквата состојба сè уште не се целосно разјаснети. Една од хипотезите е дека желките можеби биле донесени од луѓе во нееднаков полов сооднос, што со текот на времето довело до продлабочување на дисбалансот. Во тој контекст се споменуваат и врежани бројки на долниот дел од оклопите кај најстарите мажјаци – можен траг за нивното потекло, но без конечен одговор.
Голем Град со години претставува природна лабораторија за долгорочни теренски истражувања на влекачи. Програмите се засноваат на континуирано означување и повторно фаќање на единки, со цел прецизно следење на демографските параметри. Според научниците, клучот за стабилизација на популацијата лежи во една точка – заштита и зголемување на преживувањето на женките.


