Ниту Заев „сит“, ниту опозицијата на број

ВМРО-ДПМНЕ како што најави, денеска ја достави иницијативата за гласање недоверба на Владата, Фото: Архива

ВМРО-ДПМНЕ како што најави, денеска ја достави иницијативата за гласање недоверба на Владата, откако во очекуваниот рок во Собранието не пристигна оставка од премиерот Зоран Заев. Потпретседателот на партијата Александар Николовски вели дека е уверен дека во Собранието има мнозинство од 61 пратеник, па и повеќе, за да падне Владата.

– Дури и да се гласа денеска, иницијативата ќе добие поддршка, а во тек се интензивни разговори со неколку пратеници. Откако ќе падне Владата, ако се вклопат интересите на партиите потписници на новото мнозинство, ќе се разговара за нова политичка влада или за можноста за одржување брзи предвремени парламентарни избори – рече Николовски.

Иако ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата со потписи од 61 пратеник, сепак неизвесно е дали владата ќе падне. За иницијативата треба да се гласа на собраниска седница, која претседателот на парламентот Талат Џафери ја свика за четврток. Неофицијално, и власта и опозицијата наголемо се растрчани – првите да си го вратат мнозинството, а опозицијата да го задржи и по можност да го засили.

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива на Албанците денеска изјави дека има резерви во однос на потписот даден за гласањето недоверба за актуелната Влада. Тој вели дека е „за уривање на оваа власт, но не по секоја цена“.  Според него, пратениците биле убедени дека Левица нема да биде потписник.

– Договорот требаше да го потпишат ЛДП, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и ние. Во духот на ова се согласив да го дадам потписот. Секој потпис каде злобната ДУИ за Албанците треба да се отстрани, но не по секоја цена. Дури и ставот на Алтернативата отсекогаш бил таков што не се осмелуваме да се идентификуваме со политички субјект кој е антиалбански со сите елементи. Не дозволувам во мојот живот да го валкам мојот семеен идентитет за ниедна цена. Не го добивме мандатот да им служиме на антиалбански каузи – вели Реџепи.

Тој вели дека неговиот потпис ќе остане во однос на новото парламентарно мнозинство, само под услов да се тргнат потписите од Левица. Реџепи денеска изјави дека на координативен состанок, закажан за вечерва, ќе се обиде да ги убеди и другите тројца пратеници од неговата партија да не гласаат „за“ недоверба на Владата, по поднесената иницијатива.

Оваа изјава на пратеникот на Алтернатива Реџепи, ја коментираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски.

– Високо ја цениме работата на Реџепи и мислам дека неговата изјава е јасна, тој ќе ја поддржи иницијативата. Прво да падне Владата на СДСМ и на ДУИ, а за формирање нова влада или за брзи предвремени избори, ќе разговараме по четврток – рече Николовски.

Освен Реџепи, се споменуваат и други пратеници од Беса и од Партијата на Турците дека би можеле да му ја расипат математиката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Еден од тие за кои се шпекулираше дека би можел да се предомисли е пратеникот од Беса, Басри Бајрами. Тој за „Слободен печат“ вчера кусо изјави дека ги почитува ставовите на партијата.

Според партиски извори, пак, премиерот Зоран Заев во Владата се координира со партиското раководство на СДСМ за враќање и по можност засилување на актуелното владејачко мнозинство.

Во трката кој до четврток ќе обезбеди мнозинство се вклучи и лидерот на ДУИ Али Ахмети, откако највисокиот партиски орган Централното собрание, го овласти да преговара со партиите и од власта и од опозицијата, односно со „сите конструктивни сили во оваа држава“.

– Тој ќе разговара со сите политички партии од двата блока, освен со оние што се директно против евроатлантскиот курс и против стратешките интереси на граѓаните и на државата – изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Според собранискиот Деловник, прашањето за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата. На седницата се води претрес за прашањето за доверба на Владата, а право да го образложи барањето има еден од пратениците кои го поставиле прашањето. Ако на Владата ѝ биде изгласана недоверба, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од гласањето. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, Џафери веднаш го известува шефот на државата Стево Пендаровски.

Образложение: Владата не покажа значајни резултати и изгуби доверба од граѓаните

„Владата предводена од СДСМ и ДУИ, не донесе значајни резултати во претходните 5 години, туку напротив, владее со измами и пазарења, за сметка на најважните прашања за народот. Наместо да го сочуваат достоинството на државата и нејзините граѓани, тие за секој одминат ден сè повеќе го потонуваат народот во сиромаштија, непрекинат раст на инфлација и афери кои се мултиплицираат на дневна основа“, се вели меѓу другото во иницијативата за гласање доверба на Владата на Зоран Заев.  

Во него се вели дека оваа влада изгубила доверба од граѓаните, „што се виде од резултатите на одржаните локални избори, кои всушност беа референдумско изјаснување против сегашната Влада и нејзините политики“.

„Останувањето на оваа Влада, по таков изборен резултат, без кредибилитет, без јасна мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на напластените проблеми, ќе значи само продлабочување на политичката криза. Дополнително со економската криза, енергетскиот шок, ковид тенденциите кои се загрижувачки, сериозно ќе ја клекнат државата на колена“ – пишува во иницијативата, со која, како што се вели, „ние – долупотпишаните пратеници, бараме Собранието да гласа за доверба на Владата“.

Се огласи Заев: Нема да дозволиме да ја упропастат државата

Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите, напиша вчера на Фејсбук премиерот во оставка Зоран Заев. Тоа е првпат тој да се огласи во јавноста откако осум дена претходно усно даде оставка од лидер на СДСМ и од претседател на Владата.

„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и да ја упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, напиша Заев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот