Ништо од европскиот борбен авион

Состанокот на министрите за одбрана на Франција, Германија и Шпанија, Катрин Вотран, Борис Писториус и Маргарита Роблес Фернандес, одржан минатата седмица, не донел напредок во спасувањето на заедничката програма за изградба на борбениот авион FCAS, изјавиле денеска три лица запознаени со случувањата, пренесе Ројтерс.

Според нивните наводи, проектот вреден околу 100 милијарди евра, со кој трите земји заеднички треба да развијат борбен авион од петтата генерација како замена за француските „Рафали“ и германските и шпанските „Јурофајтери“, сега е „многу малку веројатен“, наведува Ројтерс.

Изворите посочиле дека Франција сака одлуката, која Германија планирала да ја донесе до крајот на 2025 година, да се одложи за наредната година.

Претходно беше планирано на овогодишниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел да се објави преминувањето на проектот во следната фаза. Два извора од авио-индустријата, исто така, оцениле дека разговорите за следната фаза на програмата веројатно ќе бидат одложени до 2026 година, бидејќи во моментов нема корист од јавен спор. Министерствата за одбрана на Франција и Германија не сакале да ги коментираат наводите.

Трите земји имаат и тешкотии во постигнувањето договор околу т.н. „борбен облак“ и беспилотните системи, кои се планирани како дел од програмата FCAS, наменета до 2040 година да ги замени постојните ловци од четвртата генерација.

Во средиштето на спорот е барањето на француската компанија „Дасо“ да преземе водечка улога во проектот пред германскиот партнер во рамки на европската компанија „Ербас“, што Берлин го смета за неприфатливо.

Дополнителен проблем претставува и фактот дека авионите се потребни за различни воени улоги: на Франција ѝ се потребни летала способни да носат нуклеарни боеви глави и да дејствуваат од носачи на авиони, додека Германија веќе прифатила да купи американски авиони Ф-35 за носење на НАТО нуклеарно оружје, пренесува Танјуг.

Претходно денеска, директорот на компанијата „Дасо“ изрази сомнеж во иднината на програмата, наведувајќи дека таа зависи од подготвеноста на Германија да го преиспита потпирањето на увоз на американско вооружување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот