Никому не му пречи што во училишен двор ќе се прави јавен паркинг: Од Општина Гази Баба тврдат дека учениците ќе бидат безбедни

Фото: Фејсбук/ ОУ „Стив Наумов“

Во дворот на основното училиште „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда ќе се прави јавен паркинг, затоа што жителите имаат голем проблем со паркирањето, се паркираат по тротоари и се жалат дека секојдневно вртат кругови со возилата низ населбата во потрага по слободно место.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и вработени во општината, во обид да им се помогне на граѓаните, вчера разгледувале локации каде можат да се обезбедат нови паркинг места, па така како што соопшти градоначалникот на Фејсбук, нов паркинг ќе има во училиштето и дополнително ќе се утврдуваат и други локации.

Иако вакво нешто досега не се практикувало во Скопје или не било јавно објавено, граѓаните, кои редовно ги критикуваат постапките на градоначалниците, овој пат молчат. Молчат и жителите на Автокоманда, кои се радуваат на секое ново паркинг место, па дури и тоа да е на штета на безбедниот простор што го користат нивните деца. Од она што може да се забележи по социјалните мрежи, само на еден граѓанин му пречи идејата на градоначалникот Стефковски.

Дали е во ред да се бетонираат и детските училишни дворови? Дали цената треба да ја плаќаат нашите деца поради тоа што претходните градоначалници кога издавале дозволи за градба гледале само на профит, заборавајќи на поимот хумано живеење? – пишува во неговиот коментар.

„Слободен печат“ побара објаснување зошто токму училишниот двор е избран како соодветна локација за паркинг, не може ли во Автокоманда да се најде друг слободен простор за ваква намена или проблемот да се решава на друг начин, со иградба на монтажни паркиралишта, на пример.

Изминатиот период градоначалникот во континуитет преку дијалог со жителите на Автокоманда работи на изнаоѓање на решение за сообраќајниот хаос во населбата. Во консултации со граѓаните и на предлог на Урбаната заедница, една од можностите кои се разгледува за изградба на паркинг простор е наспроти пазарот во Автокоманда, каде што во моментот има постоечки паркинг простор, истиот да се прошири во насока кон училишниот двор. Со проширувањето на паркингот ќе се обезбедат нови паркинг места и нема да се загрози безбедноста на учениците, бидејќи паркинот физички ќе биде издвоен од училишниот двот – одговараат од Општина Гази Баба и додаваат дека ќе продолжат со консултациите со жителите со цел изнаоѓање решение за проблемот со сообраќајот во Автокоманда и дека сите опции се отворени и се разгледуваат.

Оттаму сепак нема прецизно објаснување што значи тоа проширување кон училишниот двор и колку од дворот ќе им биде одземен на децата. Нема одговор ниту на прашањето дали раководството на училиштето и родителите на учениците што учат во „Стив Наумов“ се согласуваат со оваа идеја.

Вчера пак, ЈП „Градски паркинг“ информираше дека ги проширува зонските паркиралишта во населбата Автокоманда, откако на последната седница на Советот на Општина Гази Баба е донесена таква одлука.

Одлуката ќе се спроведе, односно ќе се пристапи кон реализација и имплементација на истата откако претпријатието ќе ја добие целата потребна документација. Со проширувањето на зонските паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје во населба Автокоманда, ќе им се обезбеди на граѓаните полесен пристап до паркинг простор, а со тоа и полесен проток на возилата во сообраќајот – велат од претпријатието.

Како ќе се обезбеди полесен пристап до места за паркирање со воведување зонско, во услови кога нема доволно слободен простор во населбата е прашање на кое објаснување треба да дадат и од јавното претпријатието и од локалната власт. Можеби потрагата на градоначалникот по соодветни локации за паркирање е токму со цел да се стави ред во сообраќајот во мирување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот