Николовски се враќа во репрезентацијата: Тука сум за да помогнам колку што можам
По пауза од повеќе од четири години, Кирил Николовски повторно е дел од кошаркарската репрезентација на Македонија.
Селекторот Драган Бајиќ го повика Николовски за стартот од квалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година, кои започнуваат в петок со натпреварот против Шпанија во СЦ „Јане Сандански“.
Последниот натпревар во репрезентативниот дрес, Николовски го одигра во август 2017 година против Естонија.
– Веројатно тој период ќе беше и пократок, но летоска поради приватни обврски морав да го одбијам повикот да се вратам во националниот тим. Јас отсекогаш сум стоел на раполагање кога е во прашање играњето за репрезентацијата. Па еве ме тука на првиот тренинг во „Јане Сандански“ – вели Николовски кој е еден од најискусните во националниот тим за официјалната интернет страница на КФСМ.
– Иако излегува дека сум меѓу оние најискусните во ростерот, не би требало моето отсуство да претставува проблем. Секако дека добро се познаваме, овен тоа имаме големи мотиви. Но ќе повторам за мене е најважно да дадеме сè од себе. Лично, би сакал добрата форма од натпреварите во домашниот шампионат да ја пренесам на теренот во овие два натпревари. Да помогнам колку што можам. Искрено, не би имал ништо против да имаме една победа во овие два натпревари кои се пред нас.