Николоски од Солун најави амбициозна програма во патната и железничката мрежа
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на Форумот за поврзување со Југоисточна Европа што се одржува во Солун најави амбициозна програма и период кога економските индекси значително ќе бидат подобрени во патната и железничката мрежа.
Препорачано
– Започнавме структурни реформи во сите сектори. Имаме амбициозна програма со која започнавме да ја менуваме сликата за Македонија. Ја реализираме најголемата инвестициона активност во патната мрежа каде започнуваме постапки за изградба на неколку автопатишта. Завршуваме со изградба на неколку брзи патишта. Нашиот најамбициозен проект е изградба на брза пруга токму на коридор 10 со што ќе овозможиме брза врска до солунското пристаниште и до Централна Европа. Започнавме и со промена на перцепцијата за инвеститорите, да понудиме услови кој ќе бидат конкуренти за инвеститорите и да бидеме препознаени како погодна земја за инвестирање – изјави Николоски.
Тој истакна дека линкот до солунското пристаниште е Македонија и затоа треба да се размислува меѓу земјите партнери на Коридор 10 како да се олесни транспортот и трговијата и да се упростат постапките за компаниите.
– Оваа пруга што сега ја имаме е бавна и не ја исполнува целта на брзиот транспорт. Коридор 10 е стратешки коридор за сите нас и затоа мора да ги искористиме неговите предности. Овој наш план е амбициозен, истовремено е приоритетен проект на кој многу посветено работиме. Паралелно со ова започнуваме со реконструкција и на постојаната пруга за да може и таа да ја биде во функција за да се користи за домашен и меѓународен транспорт. Дополнително работиме на изградба и на железница на Коридор 8 кон Бугарија. Во делот на патната мрежа силно сме фокусирани на изградба на неколку автопатишта и брзи патишта на Коридор 8 и 10 со што создаваме нова мрежа на патишта низ земјата – истакна министерот Николоски.
За следната година, Николоски очекува земјата да има најголем раст на БДП во регионот.
– Започнавме да работиме на заедничко поврзување со Грција преку интерконекторот каде ќе се поврземе на гасот од Азербејџан. Очекуваме во следниот период овој гасовод да биде изграден и да ја намалиме зависноста од рускиот гас што значително ќе влијае врз производството. Во овој период имаме силен развој и во сегментот на снабдување со енергија од фотонапонски централи. Работиме на професионализација на администрацијата, на поедноставување на процедурите Нашите планови се сериозни и верувам дека ќе ги реализираме. Ме прашавте за домашните компании. Најголем дел од извозно ориентираните зависат од солунското пристаниште и затоа имаме обврска кон нив да обезбедиме модерни врски, евтини врски за да ја олесниме нивната работа. Тоа и го работиме – потенцираше тој.
Како што најавија од Министерството за транспорт, во текот на денот Николоски ќе има билатерални средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Стакурас и со министерот за поморски работи и островска политика, Христос Стилинидис.


