Никој ништо не ти може, Никола!
Груевски не е некој што случајно се нашол во Будимпешта. Не е човек што успеал така случајно да се протне низ системот и да се скрие. Тој е таму затоа што му било дозволено. И не само дозволено, туку и скапо наплатено.
Мислам дека е време да престанеме да се лажеме со приказни што убаво звучат, а немаат врска со реалноста. Разберете веќе еднаш: нема да го вратат Груевски!
Препорачано
Секојпат кога ќе се појави некоја изјава од Будимпешта, секојпат кога некој унгарски политичар ќе спомне „владеење на право“ или „странски криминалци“, овде почнува истата мантра: „Еве го, готово е, ќе го враќаат“.
Се палат надежи, се пишуваат анализи, се кројат сценарија. И после? Ништо.
Зошто? Затоа што ја гледаме приказната како што сакаме да биде, а не како што е.
Груевски не е некој што случајно се нашол во Будимпешта. Не е човек што успеал така случајно да се протне низ системот и да се скрие. Тој е таму затоа што му било дозволено. И не само дозволено, туку и скапо наплатено.
Под заштита на Виктор Орбан, тој не беше бегалец. Беше политичка порака со име и презиме. Беше жив доказ дека некој може да го оттурне притисокот од Европа и да си води политика по своја мера. Беше златна кокошка. Ем азно, ем информации.
И сега, одеднаш, некој верува дека ќе го пуштат? Само затоа што се сменил премиерот? Само затоа што се појавил Петер Маѓар и рекол нешто што убаво звучи за јавноста?
Ајде да бидеме сериозни.
Политиката не функционира како емисија за морал. Не функционира ни како судница. Функционира како пазар. И на тој пазар, Груевски не е товар што се фрла така лесно, туку е ресурс што се користи до максимум.
И тука е клучот што многумина не сакаат да го прифатат: ако некој го чува толку време, значи дека му вреди. Толку едноставно.
Ние сакаме да ја сведеме работата на „пријателство“. Да си кажеме: „Ете, Орбан му помогнал, затоа што биле блиски“. Тоа е приказна за наивни. Во политиката нема пријателства што траат со години без корист. Едноставно, нема бесплатно засолниште за луѓе со такво досие.
Постои само интерес. А интересот не се менува затоа што некој дал изјава половина час откако бил изгласан за премиер.
Тезата дека Груевски е „добар кираџија“ не е далеку од вистината. Само што киријата не се плаќа со пари, туку се плаќа со многу пари, но и со нешто многу поскапо – со информации, контакти, влијание што не се гледа, ама се користи кога е најпотребно. Човек што бил на врвот на една држава не е некој што ќе го оттурнеш затоа што ти прави лош имиџ. Напротив, го чуваш токму поради тоа што го поседува како информација.
Ако Груевски претставуваше проблем за Унгарија, ќе беше решен одамна. Не по цели осум години. Не по политички промени. Не по некакви нови пораки за „правда“. Таквите работи се решаваат брзо и тивко.
И тоа ти кажува сè.
Сега доаѓа другата заблуда – дека Македонија ќе го дочека. Дека ќе дојде момент кога некој ќе го качи во авион и ќе го врати како доказ дека системот функционира. А тоа е само пуста желба.
Зошто би го направиле тоа? Што добива Унгарија со тоа? Аплауз од Брисел? Еден ден добри наслови во весниците? А што губи? Човек што со години бил дел од нивната политичка математика, човек што носи информации и контакти, човек што вложува во бизниси…
Во таа равенка, одговорот е јасен. Не се откажуваш од нешто што ти носи вредност, освен ако не добиеш нешто поголемо за возврат. А таква понуда, барем засега, нема.
Може да се менува реториката. Може да се пуштаат пораки што звучат строго, принципиелно, дури и заканувачки. Но реториката е за јавноста, а одлуките се носат на друго место.
Груевски, колку и да не ни се допаѓа тоа, наскоро ќе се „спријатели“ и со новиот унгарски премиер. Затоа и ќе остане.
Сите други приказни – дека ќе го вратат, дека ќе се отвори ново поглавје, дека правдата ќе стигне, се повеќе за утеха отколку за анализа. Убаво звучат, добро се продаваат, ама не држат вода кога ќе ги ставиш на маса со реалните интереси.
Затоа ви велам, време е да престанеме да се однесуваме како да не разбираме како функционираат работите. Во политиката не се екстрадираат луѓе затоа што некој така решил да биде праведен. Се екстрадираат само кога ќе станат бескорисни.
А Груевски, очигледно, сè уште има што да понуди.
И додека е така, ќе си седи таму – мирно, далеку од сите наши очекувања. Чат-пат ќе пише статус на Фејсбук, колку да нѐ потсети дека е на слобода.
Тоа е целата вистина. Сè друго е приказна за мали деца.


