Никој не е ни крив ни должен што Амди Бајрам не беше погребан по протокол за починати од ковид-19

Со сите верски и традиционални обичаи се одржа погребот на политичарот Амди Бајрам кај кого постхумно беше детектирано присуство на коронавирусот. Со триста присутни на гробното место, бдеење во текот на ноќта по настапувањето на смртта и со граѓани кои пред семејната куќа доаѓаа да му изразат почит на политичарот, сите протоколи за закоп на лице кое што било позитивно на коронавирусот беа прекршени.

За останатите семејства кои ќе загубат некого како последица или компликации од коронавирусот, болничкиот протокол не дозволува ниту да го добијат телото, ниту да вршат верски обичаи, а на закопот присуствуваат најмногу до десет лица.

ФОТО+ВИДЕО: Амди Бајрам погребан во присуство на околу 300 лица

Од Клиниката „Жан Митрев“ за Слободен печат тврдат дека Бајрам воопшто не бил хоспитализиран кај нив.

„Донесен беше со возило на Итна медицинска помош, неконтактибилен без знаци за пулс, срцева акција и тензија. Веднаш е започнато со реанимација по протокол. Поради неадекватен одговор на преземените мерки на кардиопулмоналната реанимација истата е прекратена и констатиран егзитус.Согласно сознанија дека пациентот учествувал во масовна прослава надвор од земјата, а со цел безбедност за нашите лекари и останатиот персонал, беше земен примерок за COVID-19, кој веднаш се стави на обработка. Истиот се покажа како позитивен за што веднаш беа известени сите засегнати страни, посебно Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство како и семејстовто заради преземање на понатамошни мерки и почитување на сите протоколи“, појаснуваат од болницата. Меѓутоа, и покрај предупредувањето и известувањето што приватната болница го дала на сите надлежни, па и на семејството, протоколите не беа испочитувани.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција со сета почит кон семејството на починатиот, го осуди ваквиот чин.

– Никој не треба да ги прекршува ниту протколите, а секој да се придржува до апелите и препораките и никој не смее да се чувствува дека е привилегиран поради било што. Со сета почит кон починатиот и целата церемонија, од токму такви прекршувања имаме проблем целиот изминат период. Немаме проблем таму каде што нема собирања и каде се носат маски. Не треба да се случува тоа, го осудувам тоа прекршување на нашата препорака, рече Филипче.

Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Скопје, кои се задолжени да ги детектираат контактите на Бајрам кои што биле со него на свадбата на неговата внука која пред десетина дена се одржа во Истанбул, Турција, а каде што биле присутни и стотици гости од Македонија, не можат да ги најдат сите гости и контакти.

Директорот на ЦЈЗ Скопје доктор Александар Стојанов за „Слободен печат“ тврди дека ги контактирале блиските на Бајрам, но дека на голема соработка не наишле.

– Синот ни рече дека не бил во контакт со татко му, бидејќи живееле на различни спратови од куќата на пет ката. Сопругата ќе оди во изолација, а возачот кој ги однел во Истанбул воопшто не сакаше да комуницира со нас па ние не можеме да натераме никого. Вели не сака да даде никаков податок, ни кај бил ни што бил. Како да ги најдеме тие 300 души? Ние сме шестмина епидемиолози за цело Скопје и не знаеме како да постигнеме. На почетокот кога имаше по 30 заразени дневно, дури и дома одевме кај пациентите да им направиме епидемиолошки анкети. Сега тоа е излезено од контрола. Како да направите епидемиолошки анкети ако секој ден имате по 200 нови лица? Гледам вчера поворката за погребот ја спровела полицијата. Си ги направиле адетите, половина Шутка влегла во куќата да се испоздрават. Па така букна епидемијата во Дебар на почетокот ако се сеќавате. Од погреб. Сите сакаат да го заобиколат системот, а после кога нема капацитети, зошто нема, па зошто не не тестираат, ни изјави доктор Стојанов.

Епидемиолозите не можат да ги најдат гостите од свадбата на внуката на Амди Бајрам

Синот на Амди Бајрам, Габриел, пак, за Фокус раскажа дека два дена пред да почине, татко му бил на дијализа каде направил и корона тест што бил негативен. Потоа состојбата му се влошила неочекувано, имал коморбидитети меѓу кои и дијабетес.

– Од она кое го знаеме, тој починал од мозочен удар а не од коронавирус. Ни го дадоа телото од болницата ние си заминавме дома да ги испочитуваме нашите обичаи, раскажа Габриел за Фокус додавајќи дека нема место за обвинување дека не се почитуваат мерките.

– Ова е нашата вистина. Нам уредно ни го дадоа телото од болница ние не направивме ништо лошо. Сакаме достоинствено да го испратиме покојникот. Ако треба да биде погребен во лимен ковчег нека ни кажат ние тоа ќе го сториме, изјавил синот ден пред погребот.

Министерството за здравство официјално потврди дека кај Бајрам посмртно било утврдено присуство на коронавирусот и апелираа да не организираат масовен погреб по неговата смрт.

„Министертството изразува сочувство до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби, како и да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од понатамошно ширење на инфекцијата од ковид-19“, соопштија од министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот