Ни збор од институциите за говорот на омраза во кампањата

Билборди за претседателски избори /Фото: Слободен печат, архива

Кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова најавија дека ќе се жалат пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поради изречени навреди кон нив од „противничката“ страна. Не само од оваа Комисија, туку и од другите надлежни органи засега нема реакција за сè поприсутниот говор на омраза

И покрај повикот од повеќе институции до политичките субјекти за воздржување од говор на омраза за време на предизборието, нападите кон противничкиот табор, неретко и со навреди и клевети, беа главната ударна игла на претседателските кандидати во нивната кампања.

Пред извесно време, Платформата против говор на омраза, во која членуваат повеќе невладини организации, ги повика надлежните државни институции – Министерството за внатрешни работи и јавните обвинителства и судовите – да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза. Сличен апел до политичките партии, до претседателските кандидати, до носителите на листите и до кандидатите за пратеници, упати и државната Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) која ги повика да се воздржат од вознемирувачки говор и говор на омраза во предизборната кампања, со што „ќе придонесат изборите да поминат во фер и демократска атмосфера“.

Пресилни зборови на митинзите на Пендаровски и Силјановска Давкова

„Главните“ противкандидати и „сигурни тркачи“ во вториот круг од претседателските избори, Стево Пендаровски (на коалицијата предводена од СДСМ) и Гордана Силјановска Давкова (на коалицијата на чие чело е на ВМРО-ДПМНЕ), најавија дека ќе се жалат пред КСЗД поради изречени навреди од противничката страна.

Пендаровски најави дека до КСЗД ќе достави претставка за говорот на омраза, за навредите и дискриминацијата од страна на кандидатката Силјановска Давкова.

– Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати на јавните собири и митинзи искажаа лични навреди и клевети за кандидатот за претседател Пендаровски, коишто, освен што го нарушуваат неговото достоинство и неговите чест и углед, исто така содржат и елементи на говор на омраза, со што наведените може да поттикнат други лица да сторат дела од омраза. Пендаровски материјалот ќе го достави до Државната изборна комисија, чијшто Кодекс за фер и демократски избори го потпиша кандидатката и партијата која ја поддржува, понатаму, до набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, до делегација на ЕУ, како и до амбасадите на земјите членки на НАТО и ЕУ во нашата земја – соопштија од тимот на Пендаровски.

Оттаму додадоа дека претставката ќе ја достават до ДИК за да биде информирана.

– Со оглед на тоа што ДИК одлучува по приговори, а не по претставки, во врска со почитувањето на одредбите од Изборниот законик и до неа ќе се достави материјалот заради нивно информирање. Тие, како носители на изборниот процес имаат морална обврска да се запознаат со флагрантното кршење на Кодексот од кандидатката и партијата ВМРО-ДПМНЕ – соопштија од тимот на Пендаровски.

Силјановска Давкова, исто така, најави дека ќе поднесе претставка до ДИК, КСЗД, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите при ОБСЕ, Националниот демократски институт и до Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од нејзиниот тим соопштија дека, и покрај потпишаниот Кодекс за фер и демократски избори, во периодот од 10 до 14 април различни лица вклучени во кампањата на Пендаровски, вклучително и самиот тој, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на личното достоинство на Силјановска Давкова во согласност со член 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

– Објективизација и потчинетост на мене како жена се забележува во говорот на кандидатот на митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април: „Христијан Мицкоски да набави џи-пи-ес за неговата кандидатка“, во говорот на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Општина Карпош на 12 април: „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“. Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на 14 април: „Од баба невеста не бидува – се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека Пендаровски не ги осудил ваквите изјави, туку ги одобрил со смеење, ракоплескање и триумфално однесување.

– Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи, со цел да се влијае врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување дискриминација и сексизам. Со својата кампања, Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги прекршува човекови права на Гордана Силјановска Давкова и повредува неколку одредби од Уставот за кои се образложува во претставката – се нагласува во соопштението.

КЗСД: За навреда или клевета е надлежен граѓанскиот суд

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација информираше дека за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор, како на социјалните мрежи, така и во традиционалните медиуми, а за таа цел беше изработен прилагоден образец за пријавување на вознемирувачки говор, кој е закачен на нивната веб-страница. Од Комисијата, пак, за „Слободен печат“ велат дека секоја навреда не е дискриминаторски говор или говор на омраза, а за навреди и клевети надлежни се граѓанските судови.

Заменик претседателот на КСЗД Лимко Бејзароски вели дека секоја претставка што е доставена до Комисијата се третира еднакво, без разлика од кој граѓанин е испратена, па така ќе бидат третирани и претставките од кој било кандидат за претседател. До пред викендот до Комисијата не беше доставена на разгледување ниту една претставка од претседателските кандидати во врска со дискриминаторски или вознемирувачки говор или за говор на омраза.

– Сакам да потенцирам дека секој навредлив говор не е и дискриминација и говор на омраза, а за такви случаи ние, како Комисија, не сме надлежни, туку странките ги упатуваме на граѓанска судска постапка за навреда или клевета. Комисијата, според закон, за сите претставки кои имаат основа за постапување носи одлука во рок од 60 дена. Ние како Комисија досега немаме таква практика да ја информираме јавноста за тоа кој поднел претставки, па така ќе биде и за овој случај. Кога ќе добиеме претставки, ќе ги третираме како и сите други. На седница ако утврдиме дали има основа за постапување, а ако нема, предметот се затвора. Ако се води постапка, предметот се дава на член кој е известител и во законскиот рок од 60 дена треба да се донесе одлука. Секако, не мора да значи дека ќе чекаме 60 дена – вели Бејзароски.

Непочитувањето на Кодексот за фер и демократски избори и не е некоја новина, но годинава е мултиплицирано не само поради најголемиот број претседателски кандидати досега, туку и поради паралелните кампањи за двојните избори. Платформата против говор на омраза укажува на опасноста од неа.

„Потсетуваме дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза. Дотолку пострашно, се охрабрува неговото користење кое неизбежно води кон опасност да предизвика и резултира со дела од омраза“, е еден од заклучоците на Платформата.

Кампањата за првиот круг од трката за претседател завршува денеска, но изборните карвани за парламентарните избори штотуку почнаа да кружат низ земјава. Можеби најавените претставки и евентуална реакција од институциите ќе помoгнат наративот да се смени во позитивна насока, па и опасноста од „дела од омраза“ во претстојните изјаснувања на гласачкото тело да се сведе на минимум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот