Фото: Принтскрин / Јутјуб

Ни ја подари безвременската „Бисер балкански“: Деветнаесет години без легендарниот Гоце Николовски

На денешен ден во 2006 година нè напушти легендарниот Гоце Николовски, познат по еден од неговите најголеми хитови „Бисер Балкански“.

Николовски е роден во 1947 година во Скопје, а кариерата ја започнува на 16 години, додека живеел во Ниш, како победник во тогаш популарната емисија „Максиметар“ со што ја навестува својата музичка кариера.

Почнува во групата „Рубинси“, но многу брзо преминува во тогаш најпопуларната нишка поп-рок група „Далтони“, а нивната песна „Рука од сна“ и денес често може да се чуе на нишките радиостаници.

Својата популарност како музичар и пејач во Македонија ја достигнува во 1990 година кога на „Фолк фест Валандово“ за првпат ја изведува легендарната македонска песна „Бисер балкански“. Песната ја доби првата награда на фестивалот, по што стана голем хит и широко прифатена од македонската публика и од македонскиот народ воопшто. Со оглед на тоа дека е отпеана во времето на распадот на Југославија, Македонците ја прифатија како симбол на својата независност и сувереност, а во дијаспората честопати беше изведувана како македонска химна.

Гоце често беше нарекуван и бисер балкански, по името на својата песна. Низ годините, Гоце Николовски издаде и неколку други песни како „Серенада‘, „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“, „Песна од земја далечна“.

Неговата популарност беше особено голема во Австралија и Канада. Поради придонесот за македонската заедница во Австралија, Николовски бил прогласен за почесен граѓанин на Аделаида, а градоначалникот на овој град му доделил почесен „клуч на градот“, а повеќето ТВ и радиостаници од Македонија и дијаспората посмртно му доделија награди за животно дело.

Неговиот голем хит „Бисер балкански“ во 2000 е прогласен за песна на векот во Македонија. Поради својот придонес за македонската народна музика, Гоце Николовски спаѓа во редот на најголемите музички имиња во македонската историја.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот