Ни ги подари култните „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „До балчак“: Македонскиот режисер Столе Попов денеска го слави 75. роденден
На денешен ден во 1950 година во Скопје е роден Столе Попов. Тој е еден од најзначајните филмски режисери кои остави траен белег во историјата на македонската филмографија.
Препорачано
Попов дипломира филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1973 година, во класата на професорот Радош Новаковиќ. Во текот на студирањето има снимено 10 краткометражни студентски филмови.
Во периодот од 1974 до 1978 година, Попов има статус на слободен филмски работник. Од 1978 до 1988 година работи како режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година ја вршел должноста на директор на филмска куќа. Од 1989 година, Попов работи како професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Исто така, тој е еден од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови „Триангл“. Од 1999 година, Попов е член на Европската филмска академија.
Својата филмска кариера, Столе Попов ја започнал со документарниот филм. По своите најзначајни документарни филмови („Оган“, „Австралија, Австралија„ и „ДАЕ“), тој го снимил својот прв игран филм „Црвениот коњ“ (1980), работен според истоимениот роман на современиот македонски писател Ташко Георгиевски. Покрај бројните документарни филмови, вклучувајќи и неколку интересни музички и рекламни спотови, Столе Попов досега има снимено неколку играни филмови, од кои секој го привлекол вниманието како на стручната филмска критика, така и на публиката воопшто.
За своите филмови, тој бил добитник на повеќе релевантни светски и југословенски филмски награди. Наедно, за неколку свои филмови, како документарни така и играни, Попов бил номиниран и за најпрестижната светска филмска награда „Оскар“.
Поважни филмски награди:
– Прва награда за документарниот филм Оган на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград (1974).
– Гран при (Gold Medal) за целовечерниот документарен филм за животoт на македoнските иселеници во Австралија Австралија, Австралија на Југословенскиот филмски фестивал, Белград (1976).
– Гран при за документарниот филм ДАЕ на Светскиот филмски фестивал (World Film Festival), во Оберхаузен, Германија, (1979).
– Гран при (Златна Арена) за играниот филм Среќна Нова ’49 на Југословенскиот филмски фестивал, во Пула, Хрватска, (1986) .
– Филмот „Џипси меџик“ влегол во најдобриот избор (Best Selection) на престижната Европска филмска академија (European Film Academy), Берлин, (1997).
Поважни филмски номинации:
– Номинација за Оскар на Американска филмска академија за филмот „ДАЕ“ (1979)
– Југословенски кандидат за наградата „Оскар“ со филмот „Среќна Нова ’49“
– Македонски кандидат за наградата „Оскар“ со филмот „Џипси меџик“
– Македонски кандидат за наградата „Оскар“ со филмот „До Балчак“
Филмографија:
„Оган“ – 1974
„Австралија, Австралија“ – 1977
„ДАЕ“ – 1979
„Црвениот коњ“ – 1981
„Среќна Нова ’49“ – 1986
„Тетовирање“ – 1991
„Џипси меџик“ – 1997
„До балчак“ – 2014


