„Нетфликс“ го купува „Ворнер Брос. Дискавери“ за 83 милијарди долари: Ја презема контролата над „Хари Потер“, „Бетмен“…
„Нетфликс“ се согласи да го купи студиото „Ворнер Брос. Дискавери“ и сите стриминг услуги во договор вреден 83 милијарди долари, јавува „Гардијан“. Со тоа, најпопуларната стриминг-платформа станува нов сопственик на студиото што стои зад „Хари Потер“ и „Бетмен“, како и на ХБО — дом на серии како „Белиот лотос“ и „Игра на тронови“.
Препорачано
Во купопродажбата што ќе ја промени филмската и телевизиската индустрија во Холивуд, Нетфликс добива контрола над богат каталог на ТВ-соодржини — вклучувајќи класични серии како „Пријатели“ и „Бубалици“ (The Big Bang Theory).
Во соопштението на ко-извршниот директор на Нетфликс, Тед Саранденос, изјави: „Нашата мисија отсекогаш била да го забавуваме светот. Заедно, можеме да ѝ понудиме на публиката уште повеќе од она што го сака и да помогнеме да се обликува следниот век на раскажување приказни.“
Договорот — кој ја проценува вредноста на Ворнер Брос. Дискавери на 72 милијарди долари (без пресметан долг) — ќе стапи на сила откако студиото ќе ги издвои своите кабловски канали (како „Си-ен-ен“, „Ти-би-ес“ и „Ти-ен-ти“). Ова се очекува да се реализира во третото тромесечје од следната година.
Според Нетфликс, компанијата очекува да постигне годишни заштеди од најмалку 2–3 милијарди долари до третата година по финализирањето на преземањето.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека договорот може да создаде загриженост во однос на конкуренцијата, бидејќи ќе значи обединување на двата најголеми стриминг-сервиси во САД.
„Ворнер Брос. Дискавери“ веќе ги има закажано своите биоскопски премиери до крајот на 2029 година, што значи дека секој идeн сопственик ќе мора да ги почитува тие обврски додека не истечат.
Како што изјави главниот извршен директор на Ворнер, Дејвид Заслав, „Веќе повеќе од еден век Ворнер Брос ја воодушевува публиката. Со здружувањето со Нетфликс ќе обезбедиме луѓето насекаде низ светот и понатаму да уживаат во најмоќните приказни — и тоа со генерации.“


