Несаканите ефекти од вакцините се ретки и благи

Скопје, 31 март 2021 / ФОТО: Драган Митрески - СП.

Најчесто станува збор за покачена телесна температура и болка во раката каде што била вбризгана вакцината, велат од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД

За сите три вакцини против ковид – Фајзер, Спутник В и Астра-Зенека – кои моментно се даваат во земјава, досега граѓаните и лекарите не пријавиле случај на сериозни последици, поточно нема случаи во кои по вакцината настапил анафилактичен шок или смрт.

Најчеста реакција е покачена телесна температура и болка во раката на местото каде што била дадена вакцината.

Сите реакции што се пријавени се идентични на опишаните во упатствата за користење на вакцината. Најчесто станува збор за покачена телесна температура и болка во раката каде што била вбризгана вакцината. Вака од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД ни одговорија на прашањето дали има несакани ефекти кај вакцинираните во досегашната фаза на имунизацијата што се спроведува во земјава.

За сите три вакцини против ковид – Фајзер, Спутник В и Астра-Зенека – кои моментно се даваат во земјава, досега граѓаните и лекарите не пријавиле случај на сериозни последици, поточно нема случаи во кои по вакцината настапил анафилактичен шок или смрт.  Досега се вакцинирани околу 30.000 лица во земјава, со една или две дози.

Од МАЛМЕД за „Слободен печат“ појаснуваат дека пријавите ги испраќаат и во мониторинг-центар под покровителство на Светската здравствена организација, каде што пристигнуваат пријави од повеќе од 150 земји и на глобално ниво се анализираат и се носат заклучоци.

Агенцијата за лекови и медицински средства, прави анализа на несакани реакции, не само на вакцините, туку и на сите лекови кои што ги земаат пациентите во државата. Секој здравствен работник или пациент има право да пријави сомневање дека одреден лек или вакцина предизвикале несакани последици врз пациентот, и тоа со повеќе степени на веројатност. Бидејќи пријавите се доброволни и базирани на самопријавување, тие дополнително се проверуваат.

Од МАЛМЕД велат дека на секој пациент што ќе пријави несакана реакција, потоа му се јавуваат, бараат дополнителни информации и медицинска документација, доколку е потребно, со цел да ја верификуваат состојбата. Со ова се избегнува во центарот за глобален мониторинг под покровителство на СЗО една иста реакција да не се пријавува од ист пациент неколкупати, односно лажно пријавување поради отвореноста на системот.

Министерот за здравство Венко Филипче, пред две недели информираше за само еден случај на посериозна несакана реакција по апликацијата на вакцината Астра-Зенека. Девојка (28), по првата примена доза во Србија, се вратила во Македонија, по што развила симптоми на тромбоза во окото. По хоспитализацијата, нејзината состојба се подобри и таа е пуштена дома.

Вакцината на Астра Зенека во Македонија поради претпазливост не се аплицира на помлади од 60 години, иако Европската агенција за лекови ја препорачува како безбедна. Ретките тромботични реакции што се појавиле кај мал број од оние што ја примиле Астра-Зенека се помали од нејзините бенефити за превенција од тешката форма на ковид и хоспитализацијата.

За околу 10 илјади граѓани коишто првата доза од Астра-Зенека ја примија во Србија, уште не е решено како ќе се ревакцинираат со втората доза.

Вакцинацијата во Скопје тече одлично, вели доктор Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом Скопје.

– Нема негативни реакции. Оние три-четири случаи кои проструија во јавноста беа од возбуда, страв од инјекции, исцрпеност. Битно е дека постои заинтересираност, луѓето сакат да се вакцинираат и мислам дека со доаѓањето на поголем број на вакцини ќе постигнеме солидна имунизација. Верувам дека ќе стигне количина од 200.000 до 300.000 дози и за кратко време да го имунизираме она население што сака да се имунизира – изјави Исијановски за „Утрински брифинг“.

 Филипче: На 19 април ќе пристигнат 10.000 дози „Фајзер“

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека има намалување на бројот на новозаразени, откако на сила стапи полицискиот час и затворањето на угостителските објекти.

-Епидемиолопката крива е во континуиран пад. Тоа значи дека мерките ги даваат резултатите. Вакцинацијата се одвива добро и 30 илјади граѓани досега се вакцинирале – рече Филипче најавувајќи декА на 19 април  и на 26 април ќе дојдат по 10 илјади дози од Фајзер, а до крајот на месецов преку Ковакс-механизмот ќе пристигнат и 76 илјади дози од Астра-Зенека.

Како ќе се зголемува бројот на вакцини кои што ќе пристигнуваат, така и во Куманово, Штип, Охрид, Тетово и во други градови ќе се отвораат нови пунктови за вакцинација по примерот на спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот