Непознато лице донирало 21 килограм златни прачки за поправка на водоводната мрежа во Осака
Јапонски град доби дарежлива донација за поправка на својот застарен водоводен систем: 21 килограм златни прачки, пренесува Еј-би-си њуз.
Препорачано
Златните прачки, во вредност од 3,6 милиони долари, беа донирани минатиот ноември од донатор кој сака да остане анонимен, објави градоначалникот на Осака, Хидејуки Јокојама, вчера на прес-конференција.
Со население од речиси три милиони, Осака е трет по големина град во земјата. Но, како и многу други јапонски градови, неговите системи за вода и канализација се стари, што предизвикува растечки безбедносни проблеми, јавува Би-би-си.
Според градската агенција за вода, повеќе од 90 инциденти на протекување на водоводни цевки под улиците на Осака се регистрирани во фискалната 2024 година .
„Справувањето со проблемот бара огромни инвестиции. Затоа можам само да ја изразам мојата благодарност“, изјави Јокојама за новинарите во четвртокот.
Градоначалникот рече дека сумата е „шокантна“ и дека е „нем“. Истиот анонимен донатор претходно донирал 500.000 јени во готово за општинскиот водовод, додаде тој.
Градската водоводна служба, исто така, изрази благодарност за донацијата, нагласувајќи дека таа ќе биде искористена на најдобар можен начин.
Според локалните медиуми, повеќе од 20% од водоводните цевки во Јапонија го надминале својот век на траење од 40 години, што резултирало со огромни дупки.


