Неодолив рецепт од Стефанија Несторовска: Протеинска торта
Благодарение на вештите раце и инвентивноста на Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.
Препорачано
Денеска ни носи рецепт за еден супер вкусен десерт – протеинска торта.
Состојки:
– 2 зрели банани
– (помалку од 1 шолја) 240 милилитри јогурт**
– 2 јајца
– 1 пакетче прашок за печиво
– 1/2 лажичка ванила (по желба)
– 1 + 1/2 шолја (170 грама) овесно брашно
– 1/2 шолја (50 грама) протеин
– замрзнато шумско овошје, за топинг (по желба)
** можеби ќе има потреба да се додаде повеќе јогурт. Почнете со количината наведена погоре, па доколку има потреба, дополнително ќе додадете.

Подготовка:
Рерната се загрева на 180 степени и се поставува хартија за печење на тава за печење. Јас користев кружна тава (27 см), но може каква било.
Бананите се пасираат, па се додаваат во голем, длабок сад. Се додаваат и јајцата, јогуртот и ванилата. Се промешува додека не се соединат.
На истата смеса се додаваат протеинот, овесното брашно и прашокот за печиво. Се промешува сѐ додека состојките не се соединат. Смесата ќе биде мошне густа, па ако има потреба, додадете повеќе јогурт. Треба лесно да се растече и додаде во тавата за печење.
Се додава и шумското овошје одозгора како топинг, доколку се користи.
Се пече 5 минути, потоа се намалува температурата и се пече дополнителни 20 минути. Тортата е готова кога со нож ќе боцнете во средината и ќе излезе чист, без залепена смеса. Ако има потреба печете уште дополнителни 5 минути.
Тортата оставете ја малку да се излади пред да ја сечете.

Забелешки и совети:
→ Ако не сакате да користите протеин, може да замените со повеќе овесно брашно во истата количина како протеин.
→ Јас користев вегански протеин во вкус од солен карамел, но можете каков било.
→ Шумското овошје може да го замените со вишни, јаболка или сосема да го изоставите. Исто така, како топинг може да користите и парчиња чоколадо, кокос, сечкани јаткасти плодови и слично…
→ Во овој рецепт не додадов никаков дополнителен шеќер како агаве, јаворов, мед и слично, затоа што ми беше доволно благо од протеинот и бананите. Ако сте обожавател на повеќе благо или не користите протеин – тогаш додајте си некој засладувач по желба.


