Дрога, сексуална злоупотреба, насилство, уцена: Нови откритија за животот на Марија Калас

Необјавените писма на Марија Калас ги опишуваат нејзините болни врски со нејзиниот сопруг, мајка и Аристотел Оназис – била дрогирана, сексуално злоставувана, уценувана и ограбена. Книгата „Cast a Diva: The Hidden Life of Maria Callas“ од Линдзи Спенс, која ќе биде објавена на 1 јуни, пишува британскиот печат („Обсервер“, „Гардијан“„Хафингтонпост“), раскажува за мрачната и тажна страна од биографијата на легендарната оперска пејачка.

profimedia

Авторката на книгата, Линдзи Спенс, имала пристап до необјавени материјали кои вклучуваат низа писма што Калас ѝ ги напишала на својата секретарка. Во писмата, дивата, меѓу другото, отворено раскажува и за врските со нејзиниот сопруг Џовани Батиста и со Аристотел Оназис. Не изостануваат ни информации за нејзината тешка младост и за болните спомени поврзани со војната: нејзината мајка ја терала да се проституира со германски војници.

Нејзината мајка ја уценувала, нејзиниот сопруг Џовани Батиста Менегини ја ограбил, а тајкунот Аристотел Оназис бил многу насилен со неа, а потоа ја напуштил за Џеки Кенеди.

Животот на оперската дива Марија Калас, обожавана од публиката ширум светот, бил дури и потрагичен отколку што се сметаше порано. Ова го откри Линдзи Спенс, 33-годишна писателка од Северна Ирска, која во новата биографија за уметницата „Cast a Diva: The Hidden Life of Maria Callas“, раскажува за вознемирувачката позадина на животот на ѕвездата, што произлезе од низата необјавени писма.

Оназиз ја дрогирал за да ја силува

Врз основа на преписката на оперската пејачка, Спенс го потенцира проблематичниот брак на Марија, злоупотребата на која ја подложил Оназис и сексуалното вознемирување кое го претрпела.

„Постојат вознемирувачки информации во дневникот на една нејзина најблиска пријателка, која раскажува дека во 1966 година на Калас дури и бил загрозен животот, и како Оназис ја дрогирал, претежно поради сексуални причини, поточно за да ја силува“, пишува во новата биографија, која ќе биде објавен на 1 јуни.

profimedia

Во писмото до нејзината секретарка, Калас напишала: „Не би сакала (Оназис) да ми се јави и да започне повторно да ме измачува“.

Што се однесува до проблематичниот брак со Менегини, кој бил 28 години постар од неа и со кого била во брак десет години, од 1949 до 1959 година, Калас очајно рекла: „Мојот сопруг сè уште ме малтретира откако ме ограби, зема повеќе од половина од моите пари,… бев будала што му верував“ опишувајќи го Менегини како „вошка, кој се прави милионер, а нема ни цент“.

Во едно друго писмо, пејачката зборува за тогашниот претседател на Музичката школа Џулијард во Њујорк, оженет човек, кој го „кренал“ целиот факултет против неа, спречувајќи ја да предава, откако таа го одбила: „Питер Менин се вљуби во мене. Се разбира, бидејќи го одбив, тој е против мене“.

Болни спомени од детството

Што се однесува до нејзиното детство, Калас им дава простор во своите писма на болните спомени поврзани со војната, кога нејзината мајка се обидела да ја натера да се проституира со германските војници.

Кога станала позната пак, и мајка ѝ како и нејзиниот татко, на секаков може начин настојувале да добијат од нејзините пари.

Мајка ѝ ја уценувала дека ќе им раскаже на новинарите случки од нејзиното минато и ѝ напишала: „Дали знаеш што прават скромните филмски уметници веднаш штом ќе се збогатат? Во првиот месец ги трошат своите први пари градејќи куќа за нивните родители и ги разгалуваат со луксуз … Што имаш да кажеш, Марија? “

Нејзиниот татко дури се преправал дека е на смртна постела во болница во обид да изнуди пари од неа.

„Мене ми е мачно од себичноста и рамнодушноста на моите родители кон мене… Не сакам повеќе врски. Се надевам дека весниците нема да забележат, тогаш навистина би го проколнала моментот што имам родители.“

Постои и поглавје во книгата за Рената Тебалди, сопранот која долго време беше „ривал“ на Калас во „Ла Скала“. Дивата Калас за неа напишала: „Таа е толку лоша и итра, како што велат, таа се прослави само затоа што ми беше ривалка“.

Калас, родена во Њујорк од грчки имигранти во 1923 година, почина во 1977 година на 53-годишна возраст. Некои зборуваа за самоубиство и злоупотреба на дрога. Во новата биографија, се појавуваат нови детали за нејзините здравствени проблеми и зависноста од дрога во текот на 60-тите години на минатиот век, што исто така би го објаснило нејзиното губење на гласот.

На страниците на „Обсервер“, писателката Спенс наведува: „Го пронајдов неврологот кој ја лекуваше пред нејзината смрт. Калас страдаше од невромускулно нарушување чии симптоми започнаа во 1950-тите“.

„Смртта на Калас е срцепарателна приказна. Сама во нејзиниот стан во Париз, таа се потпрела само на отуѓената сестра Џеки и на партнерот Васо Девеци за да ѝ обезбедат седативи. Нејзиниот живот беше полн со трагедија, а јас сакам да ѝ оддадам почит “, напиша Спенс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот