Фото: Angela Vinci / Zuma Press / Profimedia

Необјавени стихови од култната „Bohemian Rhapsody“ на „Квин“ ќе бидат објавени во книга со белешките на Фреди Меркјури

Неговиот глас е еден од најпрепознатливите во историјата на поп музиката, а сега зборовите што ги пееше Фреди Меркјури ќе добијат ѕвезден третман во книга со текстови, која ќе содржи и необјавени песни и алтернативни верзии на класиците на „Квин“, пишува „Гардијан“.

Книгата „Живот во стихови“ (A Life in Lyrics) ќе содржи отфрлени стихови од песната „Bohemian Rhapsody“ и нацрти за песната „Don’t Stop Me Now“. Материјалот, преземен од личните тетратки на Фреди Меркјури, ќе го објави Мери Остин, поранешната вереница и најблиска пријателка на пејачот.

Меркјури почина во 1991 година, оставајќи ѝ ги нејзе куќата и имотот, заедно со целокупната креативна архива која ги опфаќа раните денови на „Квин“ до крајот на неговата солистичка кариера.

„На почетокот на 2023 година, додека ја каталогизирав содржината на прекрасниот дом што ми го остави Фреди, почнав да ги прегледувам хартиите што јас и моето семејство ги собравме. Тие стоеја недопрени и невидени во куќата повеќе од 30 години“, изјави Остин, пренесува „Гардијан“.

Таа пронашла работни верзии на стихови на листови хартија и во обични тетратки кои, како што вели, „целосно ги прикривале чудата во себе“.

Остин верува дека рачно напишаните белешки откриваат „прозорец во неговиот брилијантен, креативен ум“ и, како што додава, „во мене разбудија многу спомени од минатите децении – разговори, моменти и емоции“.

„Се надевам дека, споделувајќи ги сега неговите ракописи, заедно со нови сознанија и некој исечок од нашиот заеднички живот, ќе ја осветлам неверојатната креативна сила на мојот драг пријател – за уживање на сите што тој сè уште ги очарува и инспирира, дури и по сите овие години“, додаде таа.

Фреди Меркјури и Мери Остин се запознаа во 1969 година, а тој ја запроси на Божиќ во 1973 година. Ја раскинаа свршувачката три години подоцна, но останаа пријатели до крајот на неговиот живот. Пејачот имал врски и со мажи и со жени, а самиот се опишувал како бисексуалец.

Дијагнозата за СИДА ја доби во 1987 година, а почина од бронхијална пневмонија во 1991 година, на 45-годишна возраст. Остин наследи околу половина од неговиот имот проценет на девет милиони фунти.

Книгата „Живот во стихови“, илустрирана со фотографии од личната архива на Меркјури, ќе биде објавена на 1 септември 2026 година, во издание на „Харпер Колинс“, неколку дена пред неговиот 80. роденден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот