ФОТО | Необична кражба: Маж проголтал „Фаберже“ јајце вредно 19.000 долари
Новозеланѓанец е обвинет за кражба поради, како што велат властите, дека украл скапоцен привезок на многу необичен начин – го проголтал, пишува Би-би-си.
Препорачано
Полицијата соопшти дека вредниот предмет, приврзок во форма на „Фаберже“ јајце проценет на 33.585 новозеландски долари (околу 19.300 американски долари), сѐ уште не е пронајден.
Инцидентот се случил минатиот петок попладне во продавницата „Партиџ Џуелерс“ во центарот на Окленд. Полицијата била повикана веднаш, а 32-годишниот осомничен бил уапсен во продавницата по само неколку минути. Тој бил подложен на лекарски преглед и останува во притвор.

Според податоците на златарницата, украдениот приврзок е украсен со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири, а во неговата внатрешност се наоѓа минијатурен октопод изработен од 18-каратно злато. Моделот, наречен „Октоподско јајце“, е инспириран од филмот за Џејмс Бонд од 1983 година, кој се врти токму околу сложена кражба на „Фаберже“ јајце.
„Фаберже“ е светски познат бренд основан пред повеќе од два века во Русија, препознатлив по луксузните јајца изработени од скапоцени камења и метали.
Осомничениот треба повторно да се појави пред суд на 8 декември. Според локалните извештаи, против него се поднесени и други обвиненија – за наводна кражба на ајПад од истата продавница на 12 ноември, како и за крадење песок за мачки и средства против болви во вредност од околу 100 новозеландски долари од приватен дом следниот ден.


