Необичен младешки, забавен и откачен, но и храбар е романот „Кордината тупаница“ од Леонтин Чапо Милениќ
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ го објави романот на хрватскиот автор од помладата генерација Леонтин Чапо Милениќ со наслов „Кордината тупаница“, со поднаслов „Првиот треш-роман“, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Пеев.
Препорачано
Овој необичен младешки, забавен и откачен, но и храбар роман, не му припаѓа на ниеден конкретен жанр и на ниедна класична книжевна класификација. Леонтин Чапо Милениќ романот го напишал кога имал 18 години и во него сатирично пишува за современиот свет, за расните, националните и воените конфликти, за криминалот и алкохолизмот.
Главниот лик е еден вид антихерој што не се грижи за правилата на учтиво однесување, има проблеми со алкохолот, со разбирањето како да се решат проблемите во светот и со агресијата. Испреплетено со пародија и со црн хумор, делото е инспирирано од епови, бајки, хорор и музика. Некои од ликовите се засновани на вистински луѓе (како Мао Це Тунг, Џорџ Буш, Распутин, Хирохито, Слободан Милошевиќ, Фидел Кастро итн.) или дела (влијанието на Едгар Алан По или Данте во описот на пеколот итн.).
Иако понекогаш шокантно во своите описи на конфликти, кои во голем дел од романот се однесуваат на меѓурасни конфликти, делото на крајот воспоставува рамнотежа во разбирањето на расната и националната еднаквост, иронично менувајќи ги улогите на црната и белата раса, покажувајќи дека бојата на кожата сама по себе не игра никаква улога, дека во сè се крие само – човек.
Дејството се случува во реални и измислени вонвременски простори, без просторни и временски граници. Романот е иновативно литературно дело, напишано на визуелно-филмски начин, остава силен впечаток и носи длабок печат на личноста на авторот, неговата филозофија на животот и љубовта кон кинеската култура и историја.
Главниот лик во овој урнебесен роман, Корда (што на такиџистански јазик значи секач на глави) е шеф на мафијашката организација „Отровна руска тупаница“. Тој никогаш не ги запознал своите родители, а додека бил дете го пронашол кинески шаолин свештеник и волшебник кој решил да го посвои. Возрасниот Корда е агресивен алкохоличар кој ги решава сите свои проблеми со насилство. „Кордината тупаница: Првиот вистински треш роман“ е првиот роман на авторот кој зборува за современиот свет на необичен сатиричен начин.
Леонтин Чапо Милениќ (1989, Осиек) е хрватски писател, лектор, уредник, преведувач, текстописец за музика и музичар. Член е на Друштвото на хрватските писатели и на Друштвото на љубители на литературата „Литера“. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Осиек. Магистер е по хрватски јазик, литература и историја. Пишува романи и раскази со елементи на фантастика, хорор, хумор, сатира и гротеска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)


