Неможноста правосудниот испит да се полага на албански јазик ги дискриминира кандидатите-Албанци, смета професорот Фрчкоски
Професорот и поранешен шеф на македонската дипломатија и амбасадор на земјава во ООН, Љубомир Фрчкоски, во интервју за порталот „Нова“ изјави дека дебатата за тоа дали кандидатите-Албанци треба да добијат можност да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, добива политички димензии и дека таа има потенцијал да се заостри.
Препорачано
Фрчкоски смета дека тоа што правосудниот испит сега не може да се полага на албански јазик, претставува дискриминација кон кандидатите од албанската етничка заедница, кои студирале на својот мајчин јазик.
„Отворањето на можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик добива димензии кои се политички, најчесто како линија на судир меѓу широчината на употребата на албанскиот јазик и официјалната употреба на македонскиот јазик. Тоа нормално добива политички димензии и во Владата, а судирот се претвора во нешто што во никој случај не треба да стане, и веројатно има перспектива да се заостри“, вели професорот.
Тој додава дека правосудниот испир не е поврзан со евентуалното идно вработување на кандидатите во државниот правосуден систем, туку со нивното претходно правничко образование.
„Доколку образовниот процес на студентите четири години се одвивал на јазик различен од македонскиот, во овој случај на албански јазик, тие мора да можат да го полагаат и правосудниот испит, кој е на некој начин завршен дел од образованието во таа област – кривична, правна, граѓанска. Во спротивно, тие студенти би биле дискриминирани при полагањето на правосудниот испит во однос на колегите чиј мајчин јазик е македонскиот, доколку испитот треба да го полагаат само на македонски јазик. И тука, во таа смисла, завршува дебатата“, вели Фрчкоски.
Тој е дециден дека станува збор за дискриминација.
„Одземањето на правото правосудниот испит да се полага на албански јазик, односно на јазикот на кој тие се образувале, претставува дискриминација и е неуставна категорија. Ова право на полагање правосуден испит е, де факто, приватно право на студентите и не се поврзува со тоа каде тие ќе работат во судовите. Аргументот дека судските постапки се водат на македонски јазик не е релевантен во овој контекст. Државата не им обезбедува и не им гарантира вработување во судовите или како адвокати на овие кандидати, па од таму да произлегува обврска да го знаат македонскиот јазик поради работата во судските постапки“, додава Фрчкоски.


