Нема веќе пуш-пауза во училишни дворови и спортски обложувалници, а нема да гледаме чад ниту на филмови, ниту на поткасти – каде сè нема да смее да се пушат цигари?
Нацрт-законот за заштита од пушење предвидува целосна забрана за цигари во кафулиња, ресторани, барови, јавен превоз, училишни дворови и заеднички простории во згради. Забраната се проширува и на полициски станици, затвори, ски-лифтови и приватни возила кога во нив има деца. За прекршување се предвидени високи парични казни и можност за општо-корисна работа.
Со новиот Нацрт-закон за заштита од пушење, објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и отворен за јавна дебата, државата најавува најсеопфатна рестрикција на пушењето досега. Предлог-решенијата опфаќаат низа простори каде досега забраната или не постоеше или не се спроведуваше, со јасна цел – поголема заштита на јавното здравје, особено на децата.
Препорачано
Забраната за пушење, доколку законот биде усвоен, ќе важи од училишните дворови до ски-лифтовите, а цигара нема да смее да се запали ниту во полициска станица, ниту во затвор, вклучително и во келиите за доживотна казна. Новина е и воведувањето забрана за пушење на влезовите на објектите.
Во член 3 од Нацрт-законот детално се набројани 16 категории на простори во кои пушењето ќе биде строго забрането. Меѓу нив се сите здравствени установи, установите за социјална заштита, воспитно-образовните, културните, рекреативните и спортските објекти. Забраната се однесува и на просторот пред влезовите на овие институции.
Пушењето нема да биде дозволено во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, како и во сите објекти каде се сместени државни органи и органи на локалната самоуправа. Забрана ќе важи и за сите работни места, без разлика дали станува збор за јавен или приватен сектор.
Законот ги опфаќа и сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден, како и жичари и ски-лифтови. Пушење нема да биде дозволено во објектите на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа, ниту на станиците на градски и приградски јавен превоз.
Посебно се нагласува забраната за пушење во приватно возило доколку во него има дете. Забраната се проширува и на трговските објекти, пазарите и саемите, како и на угостителските објекти за сместување и исхрана – од хотели и апартмани до ресторани, барови, меани и кантини.
Пушењето ќе биде недозволено и во заедничките простории на станбените згради, како лифтови, светларници и заеднички котларници, како и во полициските станици, казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Забрана е предвидена и во објектите на приредувачите на игри на среќа, како и во и пред простори каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучително и детски игротеки и приватни установи за грижа на деца.
Спроведувањето на законот ќе биде обврска на одговорното лице во правното лице, институцијата или државниот орган. Забраната не се однесува само на класичните цигари, туку и на сите уреди за консумирање тутун и никотин, меѓу кои се електронските цигари и вајперите.
Во Нацрт-законот детално е објаснето што се смета за електронски уред за никотин – електронски или други уреди што создаваат аеросол кој содржи никотин и се вдишува од корисникот, вклучувајќи системи за испорака на никотин, уреди за загревање на тутун и лулиња, освен регистрирани медицински помагала.
За непочитување на одредбите се предвидени високи казни. Малите правни лица ќе се казнуваат со глоба од 2.000 до 3.000 евра, средните со 3.000 до 4.000 евра, а големите со 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност. Одговорното лице во правното лице ќе плати казна од 1.500 до 2.000 евра.
Граѓаните затекнати со цигара на забрането место ќе се соочат со казна од 100 евра на лице место, а доколку не ја прифатат, глобите се движат од 150 до 300 евра. Казната од 100 евра може да се замени со општо-корисна работа во траење од најмалку 24 работни часа, која мора да се изврши во рок од осум дена.
Нацрт-законот е усогласен со регулативите на Европската Унија и носи европско знаменце. Тутунската индустрија добива дополнителни ограничувања – целосно се забранува спонзорирање, донации и промотивни активности, како и практиките на бесплатни подароци или замена на празни кутии за нови цигари.
Дополнително, се ограничува и прикажувањето на пушење во филмови, телевизиски содржини, компјутерски игри, вести и театарски претстави, освен кога тоа е дел од уметничка концепција во дела наменети за возрасна публика.
Новина е и т.н. „криење“ на цигарите од погледот на потрошувачите. Тутунските и никотинските производи ќе мора да се чуваат во затворени шкафови на продажните места, без можност за визуелно прикажување. Се забранува и продажбата на цигари на парче – купувањето ќе биде дозволено исклучиво во кутија.
Како главна цел на законот се наведува заштитата на граѓаните, а пред сè на децата, од штетните ефекти на пушењето и од изложеноста на чадот од тутун, односно пасивното пушење.
Во образложението на Нацрт-законот се посочува дека пушењето има сериозни здравствени и економски последици. Според податоците, дури 45 проценти од возрасното население во Македонија пуши. Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од случаите на карцином на белите дробови и со значителен дел од кардиоваскуларните заболувања.
Министерството за здравство наведува дека трошоците поврзани со пушењето надминуваат 5 проценти од бруто-домашниот производ, преку директни здравствени трошоци и загубена продуктивност, што создава сериозен финансиски притисок врз јавниот здравствен систем и ги ограничува средствата за други приоритети.
Македонците се зависници од никотин и тешко се откажуваат од лошата навика


