Драстично построг антипушачки закон се подготвува – еве каде се забрануваат обичните и електронските цигари
Во новиот закон, кој наскоро оди на јавна дебата, сите видови електронски цигари и вејпови се изедначуваат со обичните цигари
Нов, неспоредливо построг закон за заштита од пушењето е во подготовка и со него се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари, но и кон тутунските производи воопшто, објави „Телма“.
Препорачано
Забраната за пушење, според нацрт-законот до кој дошла телевизијата, ќе важи во сите затворени простори од јавен карактер, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи драстично ќе се ограничи. Цигарите целосно ќе се тргнат и од видното поле на купувачите во маркетите. Се предвидуваат и ригорозни правила за сите затворени јавни институции.
„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи, ресторани, барови, меани, кантини“, пишува во предложените измени на законот за пушење, кои наскоро ќе бидат понудени на јавна дебата.
Во угостителските објекти, пушењето ќе биде дозволено на терасите само ако тие се целосно отворени од три страни.
Една од најважните измени е забраната за пушење и во автомобилите, доколку во нив во моментот се превезуваат деца. Пушењето, според нацрт-верзијата на законот, ќе биде забрането и на автобуските и железничките станици, на пазарите и на редица други јавни простори.
Во новиот закон, според она што се предлага, цигарите ќе бидат скриени во маркетите и во киосците.
Според официјални проценки на институциите, во Македонија цигари пушат 45 проценти од возрасните луѓе, а половина од нив пушат повеќе од една кутија цигари на ден.


