Македонците се зависници од никотин и тешко се откажуваат од лошата навика
Во ЦЈЗ Скопје има цел отсек за откажување од пушење, кој функционира доброволно, бесплатно и анонимно. Од 2016 година до денеска, на овој отсек се заведени 16 досиеја на граѓани, од кои само двајца успеале трајно да се откажат од пушењето, а другите ѝ се вратиле на навиката.
Секој втор граѓанин во Македонија пуши цигари и тоа по дампинг цена. Една кутија цигари во Австралија е 17 евра, додека во Македонија е евро и половина, па поради ова граѓаните можат да си дозволат да испушат и по 20 цигари дневно, колку што е просекот. Овие фрапантни податоци што нѐ рангираат меѓу десетте најголеми зависници од никотин во светот, ја натераа регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) да препорача Владата да направи стратегија и да обезбеди помош граѓаните да почнат да се откажуваат од тутунот.
Препорачано
Доктор Валентина Симоновска од Одделението за социјална медицина во ЦЈЗ-Скопје за „Слободен печат“ вели дека во ЦЈЗ Скопје има цел отсек за откажување од пушење, кој функционира доброволно, бесплатно и анонимно. Од 2016 година до денеска, на овој отсек се заведени 16 досиеја на граѓани, од кои само двајца успеале трајно да се откажат од пушењето, а другите ѝ се вратиле на навиката.
– Клиентите се пријавуваат за два метода со протоколи. Едната метода е групна, а другата индивидуална со терапија. Јас сум задолжена за целата програма за индивидуалниот третман. Досега имаме 16 клиенти што се водат како кодирани досиеја, од кои двајца се откажаа, едниот без таблетарна поткрепа, а другото лице со „табекс“, суплемент што не е синтетички и кој содржи златен багрем. Тој влегува во метаболизмот на клетката и го заменува никотинот и по 28 дена се губи желбата за никотин. Некои од луѓето што ги третиравме не успеаја поради психолошката зависност. Потребна е тимска работа за откажување од пушење и енергија – изјави доктор Симоновска за „Слободен печат“.
Таа нагласува дека лошата навика е како удобен кревет што тешко се напушта.
– Поддршката од семејството е многу важна. Ако се заложи брачниот другар или децата да го поддржуваат, успехот е поголем. Имав случај каде што клиентот работи на специфично место, со оружје и без контакт со други луѓе. Тогаш цигарата се чини како добар пријател, меѓутоа овој клиент успеа да се откаже – вели доктор Симоновска.
Организацијата „Аналитика“ во декември изработи регионално истражување со Универзитет од Чикаго, во коешто се заклучи дека Македонија е земја на тешки пушачи. Тие уште тогаш, исто како и СЗО, препорачаа да се развијат ефикасни услуги за откажување од пушење и да се направат достапни и евтини за сите пушачи.
„Услугите за откажување од пушење во форма на консултации со медицински професионалци по телефон или лично треба да бидат широко достапни. Консултациите треба да бидат достапни во училиштата, факултетите, општите лекари и болниците. Првите се особено важни за да ги охрабрат и мотивираат младите пушачи да се откажат од пушење, како и да ги информираат постарите возрасни групи за штетите од пушењето врз нив и членовите на нивните домаќинства. Функционалните телефонски линии за помош и групите за поддршка финансирани од Владата може да ги поддржат пушачите во откажувањето”, велат од „Аналитика“.
Според истражувањето, само 19 проценти од сите моментални пушачи, се обиделе да се откажат минатата година, а просечно издржувале без цигара нешто повеќе од 90 дена.
Претседателката на здружението на матични лекари доктор Лидија Чолакова-Дервишова смета дека наместо за лекови, на телевизија треба да има кампањи за здрав живот.
– На многу пациенти ние лекарите им велиме дека мора да се откажат од пушење зашто гледаме дека имаат сериозни последици. Болки во градите, болки во потколеницата, стегање на срцето. На пазарите се продава непроверен тутун. Треба да поскапат цигарите, а наместо лекови треба да се рекламира здрав живот и колективно здравје. Уште од најмала возраст во градинките и во основните училишта треба да има едукација дека пушењето е штетно – вели доктор Чолакова-Дервишова.
Центарот за јавно здравје – Скопје има објавено препораки за откажување од пушење. Според нив, 78 проценти од пушачите сакаат, ама не можат да се откажат од пушењето без помош, а краткотрајно советување со лекар, помало од три минути, ја зголемува стапката од откажување од пушење. Здравствениот персонал што пуши има подобро разбирање за предизвиците од откажувањето од пушење, но не се чувствува повикан да советува на таа тема.
Сите граѓани што сакаат да се откажат од пушењето и на кои им треба помош, односно програма, тоа може да го сторат со закажување на телефонскиот број во Центарот за јавно здравје Скопје на 02-3298-667 на локалите 164, 175 или 172.


