Нема спорт во Италија и во април
Италијанското министерство за спорт планира да ги забрани сите спортски активности во државата и наредниот месец.
Италија е најпогодената европска земја од пандемијата на коронавирусот со 92.472 заразени и 10.023 починати лица. Бидејќи состојбата со коронавирусот не стивнува иако е воведена вонредна состојба и карантин, италијанското министерство за спорт планира да ги забрани сите спортски настани, вклучувајќи ги и тренинзите и во април.
Препорачано
– Во овој момент идејата да продолжат спортските натпреварувања е нереална. Во понеделник ќе предложам да се продолжи забраната за одржување на спортски натпревари во април – изјави министерот Винченцо Спадафора.
Серија А е суспендирана од 9. март, а кошаркарските натпреварувања се прекинати уште порано. Министерот Спадафора напомена дека забраната ќе се однесува и на тренинзите, што досега не беше случај поради неизвесноста околу одложувањето или откажувањето на Олимписките игри во Токио. Откако и Игрите се одложени, министерот нема дилеми дали да ги забрани и тренинзите.
Спадафора исто така додаде дека ќе направи план вреден 400 милиони евра со кој ќе им се помогне на националните спортски федерации и аматерските клубови, а ги повика и челниците на Серија А да се пролагодат на новонастанатата состојба.
– По оваа криза, повеќе ништо нема да биде како порано – додаде Спадафора.


