Неказнивоста и немање одговорност за насилствата – второ лице на Собранието

Седница на собранието / Фото: Слободен печат

Институциите промовираат неказнивост за инцидентите на пратениците во највисокиот дом на демократијата. Вака накратко политичките експерти ги опишуваат вчерашните случувања во Собранието кога координаторот на ДУИ Арбер Адеми влезе во вербална и на моменти и физичка конфронтација со група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.

Според познавачите на состојбите инцидентот ескалираше со фрлање шолји, тацни и шишиња, наликувајќи на Див Запад, слика која е недозволива за едно демократско општество кое сме ние.

Долгогодишниот пратеник и поранешен министер Павле Трајанов во изјава за „Слободен печат“ коментирајќи го немилиот настан во Собранието вели дека во највисокиот законодавен дом кружи многу алкохол и тоа меѓудругото има влијание кон вкупната атмосфера и однесување на дел од пратениците.

павле трајанов демократски сојуз
Павле Трајанов, Демократски сојуз / Утрински брифинг

– Мислам дека во целина имаме ниска култура на однесување. Сведоци сме на меѓусебни навредби девалвирања меѓу опозицијата и позицијата. Се користат сите инструменти за дискриминацијта од едните кон другте. Недостасува нивото на комуникацијата и тоа по некоја линија создава меѓусебна недоверба која неретко резултира со вербални навреди, недолични коментари па дури по некогаш и физички пресметки. Достапноста на алкохолот во Собранието е причина плус за ваквата атмосфера – посочува Трајанов.

Лидерот на Демократскиот Сојуз Трајанов додава дека ниту Уставот ниту законите во земјава имаат можност да ги санкционираат ваквите испади на пратениците. Тоа според него промовира неказнивост и лоша слика кај граѓаните.

– Пратениците се со траен мандат ниту уставна ниту законска можност имате да го разрешите. Од таму нема сила во државата што може да ги казни. Одговроноста за жал е во партијата. Единствена сила што може да го повлече пратеникот е добрата воља на лидерот на партијата што е за неверување а таквиот систем ја прави државата партизирана и не функционална – објаснува Трајанов.

Комуникологот Бојан Кордалов од друга страна појаснува дека спротивставените политички блока сега се гледаат низ нишан на непријатели, а не како политички опоненти.

бојан кордалов
Бојан Кордалов, комуниколог/ Фото: Слободен печат

– Се додека пратениците од сите табори одат на работа во Собранието со цел да се пресметаат меѓу себе, а не со фокус на тоа што да изгласаат со цел да го подобрат животот и стандардот на граѓаните, ваквите слики слики се заканува да станат секојдневие. Немањето на чуство на одговорност од сите влади и политичари до сега кон граѓаните е општествена состојба која мора да се менува – вели Кордалов.

Комуникологот потсетува дека политичарите и институциите, заедно со катастрофалната политичка комуникација и некултура доведувало до вакви, но и помали и поголеми инциденти во Собранието низ годините.

– Дополнително, станува се поочигледно за граѓаните дека политичарите во огромна мера ги води желбата за задржување или освојување на власта, наспроти главната водилка и мотивација да се бавите со политика со цел да придонесат во општеството, менувајќи го секој ден на подобро преку нивната политочка моќ на централно или локално ниво – заклучува Кордалов.

Инаку опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска бара оставка од Адеми од пратеничката функција, симнување на неговиот пратенички имнунитет и потоа да одговара за насилство во Собранието. Од друга страна пак дел од пратениците на социјалните мрежи изразија поддршка за Адеми, посочувајќи дека бил испровоциран од опозициските пратеници.

ВИДЕО | Собраниската пресметка меѓу Адеми и Милошоски од друг агол

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот