Груевски по правосилноста на пресудата за предметот „Тенк“ избега во Унгарија каде побара и доби азил. / Фото: Слободен печат

Нека дојде Груевски, нека признае вина – Ристоска ја прозва одбраната да не купува време да го застари „Талир 2“

Адвокатот на поранешниот премиер Никола Груевски, Сашко Христовски Липски, кој му е доделен по службена должност да го брани во предметот „Талир 2“, со сите сили се обидуваше во судница да го влече судскиот процес со прашања за вештакот што не биле предмет на вештачење, но и барање до судот повторно да се испитаат сите 17 сведоци на Обвинителството, со образложение дека имал дополнителни прашања за нив.

Сепак, судијката Даниела Алексовска-Стојановска го прифати предлогот на јавната обвинителка Ленче Ристоска да не се викаат сите сведоци повторно да сведочат, а меѓу нив се и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, Ане Лашкоска, Антонио Милошоски, но и поранешни – Силвана Бонева, Владимир Пешевски и Билјана Бришкоска.

Нивните искази само ќе се прочитаат, иако адвокатот Липски се противеше на овој предлог, но не посочи конкретни аргументи зошто.

Обвинителката и Липски се „судрија“ во судница – Ристоска со тврдење дека адвокатот на Груевски по секоја цена сака да го одолговлекува судењето, а Липски тврдеше дека Ристоска сака да го забрза процесот и да се донесе иста пресуда како и претходно, кога Груевски беше осуден на шест години затвор, а беше побарана и конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, популарно наречена „Белата палата“.

Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

Во овој процес беше осуден и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, за кого делото застари. Ристоска беше децидна дека обвинението е цврсто и дека одбраната нема докази да го оспори. На адвокатот Липски, кој рече дека целта му е да се спогоди со обвинителката, Ристоска му возврати:

– Нека дојде Груевски, нека признае вина.

Сепак, Липски не успеа да ја убеди судијката дека сведоците треба повторно да се повикаат.

– За овие сведоци одбраната има прашања со цел дооформување на теоријата на случајот – рече Липски.

Судот го праша Липски – кои се дополнителните прашања и околности, со оглед на тоа дека на минатиот судски процес одбраната имала вкрстени прашања речиси за сите нив.

– Околностите за кои ќе се постават дополнителните прашања се различни од минатата судска расправа. Има нови суштински елементи за како одбрана да можеме пред овој суд да ја докажеме невиноста на Груевски – рече Липски.

Обвинителката неколкупати реагираше до судот дека намерата на одбраната е да ја одолговлекува постапката, со оглед на роковите на застареност, односно да застари случајот, а Груевски и партијата да не одговараат.

– Сметам дека самата неможност на одбраната да посочи конкретни, нови околности, на кои би се испитале сведоците, особено доведена во корелација со тоа што најголем дел од сведоците, одбраната веќе ги испитуваше, противењето е дадено во насока да се одолговлечи постапката и со оглед на роковите на застареност да се издејствува одлука што би значела избегнување одговорност за Груевски поради процесни пречки за натамошно водење на кривичната постапка – рече Ристоска.

Се одложи петтиот старт на „Талир“ – делото за ВМРО – ДПМНЕ застарува на крај на годинава

Обвинителката предупредуваше и додека одбраната му поставуваше прашања на вештото лице Снежана Филиповска – каде била вработена, колку пари чинело вештачењето, дали се издржувала од платата што ја земала во фирмата итн. Дел од прашањата судијката не ги прифати по приговор на обвинителката.

На последниот брифинг со новинарите, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека, иако ја „исчистил“ партијата од долгови и кредити, по една и пол година на власт и натаму остануваат „замрзнати“ поради предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, мислејќи на имотот на партијата.

Мицкоски се надева дека „судот чека предметот природно да застари“, но замрзнатиот имот на некогаш најбогатата партија во Европа, кој може да биде и конфискуван, останува да го мачи партискиот лидер и премиер.

– На власт сме година и половина, но имотот сè уште ни е замрзнат. Најверојатно судот чека предметот природно да застари, иако целосно е неправен – рече Мицкоски.

Имотот на владејачката партија е замрзнат, односно партијата не смее да го продава, но може да се издава под закуп, што не беше случај и досега.

Парите од евентуален закуп, сепак, треба да бидат распределени на посебна сметка и не смеат да се користат. Судењето за случајот трае шест години, а првата пресуда веќе падна на Апелација поради контроверзните измени на Кривичниот законик. Случајот „Талир 2“ е за незаконската изградба на Белата палата, а застарува во август 2026 година. Во тек е и судењето за „Талир 1“ за незаконско финансирање на партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот