Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Не помагаат ни жалби ни молби: Фирмата „Универзал Балкан“ повторно е избрана да ја гради Универзална сала

Министерството за култура и туризам по извршената повторна евалуација на понудите донело одлука за избор на најповолнен понудувач „Универзал Балкан“, откако претходниот тендер на која исто така беше избрана истата фирма беше поништен во жалбена постапка. „Универзал Балкан“ всушност од почетокот работи на реконструкција на салата, првично беше ангажирана од Град Скопје, а потоа и од Министерството.

Градежното друштво „Универзал Балкан“ од Скопје повторно е избор на Министерството за култура и туризам како најповолен изведувач што треба да ја изгради Универзална сала. Одлуката е донесена по повторена евалуација на понудите, но договорот сѐ уште не е склучен, а неизвесно е дали воопшто ќе биде склучен, затоа што одлуката еднаш е веќе обжалена, а жалбата прифатена од Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Изградбата на објектот е запрена веќе две години, откако со ова Министерство раководи Зоран Љутков, поради недоследности во претходната постапка околу реконструкцијата на култниот градски објект. Дури минатото лето беше објавен тендер на кој се бараше фирма која ќе ја изгради Универзална по принципот – клуч на рака. Во октомври од Министерството информираа дека е избрана фирмата што ќе ја реконструира салата – „Универзал Балкан“ за еден месец подоцна да соопштат дека сепак тендерот е неуспешен поради поднесените жалби и поплаки во однос на изведувачот.

 Добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби – посочи тогаш министерот Зоран Љутков, додавајќи дека ова ќе за оддолжи постапката за уште два месеца.

Во декември 2025 година повторно беше објавен тендер, кој траеше до 23 јануари. На овој повик пристигнале две понуди, а како што посочија од Министерството за „Слободен печат“ по завршувањето на жалбената постапка ќе се знае која од нив е прифатлива.

Има заинтересирани за изградба на Универзална сала: Пристигнале две понуди, наскоро ќе се знае кој ќе ја гради

Одлуката повторено беше „Универзал Балкан“, по што другиот понудувач „Агровејст биотермал продукт“ ДОО Скопје поднесе жалба што беше усвоена од Комисијата, која донесе решение за поништување на Одлуката за избор на најповолна понуда од 24.02 2026 година на Министерството за култура и туризам и предметот беше вратен на повторно постапување и одлучување.

На 23 март на Електронскиот сајт за јавни набавки е објавено дека Министерството за култура по извршената повторна евалуација на понудите донело одлука за избор на најповолнен понудувач и тоа повторно е истата фирма. Според досегашната пракса речиси е очекувано и на оваа одлука да следува жалба. Со тоа и понатаму се одолговлекува почетокот на реконструкција на салата, чие завршување се очекуваше до крајот на 2027 година, за да биде подготвена за 2028 година за манифестацијата Скопје – Европска престолнина на културата.

Пропадна тендерот за Универзална сала, има жалба за изведувачот

Фирмата „Универзал Балкан“ всушност е истата која од почетокот работи на реконструкција на салата и која првично беше ангажирана од Град Скопје, а потоа кога изградбата премина во рацете на Министерството за култура и од Министерството.

Инаку, како што беше наведено во јавниот повик, рокот за изведување и завршување на целиот објект изнесува две години, а тој рок ќе започне да тече 10 дена од денот на воведување во работа на економскиот оператор. Тоа би значело дека салата повторно би ги отворила вратите за публиката најрано во април 2028 година, доколку се склучи договорот и ако евентуално идниот месец започнат градежните работи.

Универзална сала ќе добие нова конструкција и нова купола, уште да се пријави „мајсторот“

Новата Универзална сала  ќе ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. За да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, како што е прецизирано во тендерот, планирано е изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција.

Според пресметките на Министерството за култура и туризам, прикажани во документацијата на јавниот повик, за оваа намена ќе се потрошат 1.179.987.929 денари, односно нешто повеќе од 19 милиони евра.Според условите во тендерот изведбата треба комплетно да се заврши и да се реализира според Основниот проект за реконструкција на Универзална сала од јуни 2025 година, изработен од „Мегарон инженеринг“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот