Не двајца, туку четворица кандидати во вториот круг на претседателските избори?!

Пендаровски, Силјановска-Давкова, Османи и Таравари типуваат дека токму тие ќе влезат во финишот за фотелјата во Вила Водно, па немаат одговор чија поддршка ќе бараат во вториот изборен круг.

Четворица кандидати за шеф на државата – Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи и Арбен Таравари – ќе влезат во вториот изборен круг, ако се суди според одговорите што ги добивме на прашањето кого би поддржале. Сите четворица типуваат дека токму тие ќе влезат во финишот за фотелјата во Вила Водно.

Од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија дали во вториот изборен круг ќе бараат поддршка од коалицијата Вреди чиј кандидат е Таравари и од ДУИ која настапува со министерот за надворешни работи и партиски потпретседател Османи.

Иако сите ветуваат дека ќе бидат претседател на сите граѓани без разлика на етничката и на верската припадност, досега само актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Пендаровски јавно бара поддршка и од граѓаните од другите етникуми, односно како што вели од партиите репрезенти на тие граѓани. Сепак, како што ни одговорија од неговиот кабинет, тој нема да бара директна поддршка од Ахмети, ни од лидерите на коалицијата Вреди.

– Претседателот Пендаровски нема да има посебни средби со лидерите на партиите на Албанците кои имаат свој кандидат за претседател. Имајќи ја предвид работата на претседателот Пендаровски во изминатите пет години, за вториот мандат тој очекува поддршка од сите етнички заедници. Што се однесува до средбите со невладините и граѓанските организации, претседателот Пендаровски е отворен за комуникација со секој што ќе искаже волја – велат за „Слободен печат“ од Медиа центарот на Пендаровски.

Оттаму додаваат дека за кандидатурата за втор мандат, тој добил поддршка од речиси 15 партии.

– Посочувајќи дека претседателот Пендаровски е претставник на сите граѓани, без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност, зад претседателот застанаа коалициските партнери на СДСМ – соопшти Медиа центарот на претседателот.

Тој и во гостување на ТВ Сител вели дека ја очекува поддршката од сите етнички заедници, бидејќи никој не може да стане претседател ако не добие широка граѓанска поддршка.

– На изборите ја очекувам поддршката од сите етнички заедници и од сите политички партии што се репрезенти на тие етнички заедници. Многупати сум го кажувал тоа и го тврдам, не можеш да станеш претседател ако не те поддржат сите, во една значајна бројка – вели шефот на државата.

Според него, широката поддршка е нужна не само заради одѕивот туку пред сè и за понатамошниот политички легитимитет и кредибилитет на претседателот.
Во однос на можен бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ, Пендаровски вели дека ако не успеат изборите, во рок од 40 дена мора да се повторат, но тој додава дека ги слуша анализите и не може да сфати зошто ДУИ би бојкотирала.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски не прецизира дали од ДУИ очекуваат поддршка за Пендаровски во вториот изборен круг. Тој повтори дека Конгресот едногласно го предложил Пендаровски за претседателски кандидат.

– За поддршката на претседателските кандидати во вториот круг ние имаме јасна понуда за македонските гласачи, тоа е кандидат кој се залага, исто како и нашата партија и коалиција, за Северна Македонија членка на НАТО, на ЕУ, земја во која растат платите, пензиите. Сите кои се залагаат за Македонија, земја што оди напред, која до 2030 година ќе стане земја членка на ЕУ, ќе го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски – изјави Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во настапите им се обраќа на сите граѓани и дека е рано да коментираат од кого и дали ќе бараат поддршка во вториот изборен круг.

Интересни се одговорите од кандидатите Албанци за шеф на државата, Таравари и Османи. Прашан дали коалицијата Вреди ќе поддржи некој од кандидатите што ќе влезат во вториот изборен круг, односно дали гласовите ќе ги дадат за Силјановска-Давкова или за Пендаровски, Таравари е убеден дека токму тој ќе оди во вториот круг и дека е сигурен дека ќе успее. Но, Таравари не ни одговори во таков случај од кого тој би ја барал поддршката.

За претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, нашето прашање кого ќе поддржи ДУИ во вториот изборен круг за шеф на државата е навредливо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот