Патување - Фото: pexels-veerasak-piyawatanakul

Научниците велат дека патувањето може да го забави стареењето и да го подобри здравјето

Иако најчесто вниманието кога станува збор за борба против стареењето го добиваат креми и козметички производи, ново истражување покажува дека постои многу поедноставен фактор кој може да има значајно влијание – патувањата.

Истражувачи од Универзитетот „Едит Коуан“ во студија објавена во 2024 година во списанието „Journal of Travel Research“, наведуваат дека позитивните искуства од патувања можат да придонесат за подобро физичко и ментално здравје и потенцијално да забават одредени процеси поврзани со стареењето. Студијата се базира на примена на теоријата на ентропија во туризмот, пишува „Саенс дејли“.

Според оваа теорија, ентропијата претставува природна тенденција на системите кон неред. Во контекст на здравјето, истражувачите објаснуваат дека човечкото тело се стреми да одржи рамнотежа, а животните искуства можат да помогнат или да ја нарушат таа стабилност. Позитивните доживувања од патувања можат да ја намалат „склоноста кон неред“, додека стресните ситуации имаат спротивен ефект.

Докторантката Фангли Ху од универзитетот нагласува дека стареењето е неповратен процес, но неговото забрзување може да се забави.

„Стареењето е, како процес, неповратно. Иако не може да се запре, може да се забави“, изјавила таа.

Таа објаснува дека патувањата влијаат позитивно затоа што ги изложуваат луѓето на нови средини, поттикнуваат физичка активност, зголемуваат социјална интеракција и создаваат позитивни емоции.

„Туризмот не е само забава и рекреација. Тој може да придонесе и за физичкото и менталното здравје“, додала Ху.

Според истражувањето, патувањата можат да се гледаат и како форма на „терапија преку искуство“, бидејќи помагаат телото да одржи состојба на пониско ниво на ентропија преку влијание врз повеќе телесни системи. Новите средини и искуства можат да ја стимулираат метаболичката активност, да ги активираат процесите на саморегулација и да го зајакнат имунолошкиот систем, кој подобро реагира на надворешни предизвици. Истовремено, може да се поттикне и ослободување на хормони кои помагаат во обновување и регенерација на ткивата. Ху објаснува дека на тој начин одбранбениот систем станува поотпорен, а телото подобро се справува со стрес и истоштеност.

Исто така, опуштените активности за време на патувања можат да го намалат хроничниот стрес, да ја намалат напнатоста во мускулите и зглобовите и да помогнат во одржување на метаболичката рамнотежа, што сè заедно придонесува за подобро општо здравје и поголема отпорност на телото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот