Наташа од Гевгелија ја победи зависноста од хероин од тинејџерскиот период и сега е успешна жена, сопруга и мајка на три деца: Од дното повторно до врвот со мали чекори и упорност
Забрането е преземање на сторијата делумно или целосно. Сите права се задржани.
Велат дека кога ќе го допреш дното, единствено можеш да почнеш да се искачуваш нагоре. Или пак…да останеш таму долу. Оваа животна приказна е за паѓањето најдолу, но и за искачувањето најгоре.
Наташа (Љушева) Милковска, денес е сопруга и прекрасна мајка на три дечиња. Столбот на нејзиното семејство. Жена на која можат да се потпрат сопругот и нејзините три дечиња. Оваа 39 годишна жена е прекрасен и смирен родител. Дипломирала 2015 година на Факултетот за туризам и бизнис логистика. Работи во болница повеќе од една деценија. Со обврските што ги носи улогата на родител вели дека дека не може да се пофали со слободно време, но подготвува нешто поголемо. Нејзината животна приказна раскажана накратко на некој начин е „интро“ за книгата за која верува дека наскоро ќе стане реалност.
Болеста на мајка ми
Како дете, се сеќава дека била среќна сè до влегувањето во пубертет. Кога се присетува на нејзиното детство, почнуваат да ѝ навираат солзи. Влегувањето во пубертетот, вели Наташа, ќе го памети по болеста на нејзината мајка и вовлекувањето во подмолниот свет на дрогата од која ретко кој наоѓа излез.
– Засекогаш ќе ја паметам таа вечер кога се разболе мајка ми. Чинам, преку ноќ стана „поинаква“. По цел ден плачеше и имаше моменти кога викаше многу силно, се потсетува Наташа на моментите кои се клучни во нејзиниот живот поради кои ги направила првите погрешни чекори.
Психотичните промени кај нејзината мајка приодонеле да се нарушат дотогашните хармонични семејни односи, па нејзините родители почнале и поинаку да се однесуваат. Понекогаш комуникацијата меѓу нив станувала тензична, а се случувало и тоа да прерасне во физички пресметки, ни раскажува таа и забележува дека тогаш се променил односот од нејзината мајка кон неа. Гледајќи на променетата семејна ситуација, низ очите на дете кое физички, но не и психички разумно, полека влегува во светот на возрасните, Наташа сметала дека таа е виновна што нејзината мајка станала поинаква. На Наташа ѝ било објаснето дека нејзината мајка се разболела психички и дека најверојатно засекогаш ќе биде поинаква од другите мајки.
– Кога на дете од 13 години ќе му објасниш така, тоа нема да разбере многу. Јас можеби и созреав предвреме. Многу ја сакав мајка ми, но не можев да ги поднесам работите што таа ги правеше, ниту дома, ниту на улица. А само копнеев да бидам сакана од неа. Но, тоа не се случи никогаш после тоа, раскажува Наташа присетувајќи се на моментите кои се болна пресвртница во нејзиниот живот.
Мајката на Наташа била дијагностицирана со шизофренија, болест која влијае на размислувањето, перцепцијата, говорот и движењето. Луѓето што им биле пријатели, а и колегите од работа на нејзиниот татко, но и сите останати, вели Наташа, наместо да ни дадат поддршка, да ни помогнат во тие тешки моменти за целото семејство, почнаа да не напуштаат со груб изговор дека не сакаат да дружат со „луда“ жена.
Карта за поинаков свет
Бегајќи од случувањата во сопствениот дом, Наташа пронашла „утеха“ на улица. Лошото друштво станало нејзино секојдневие. Влегла во еден опасен круг, онака наивно и детски без да знае дека од него не може да се излезе лесно. Хероинот станал нејзин „најдобар другар“, утеха и бегство од суровата реалност во домот..
– Првпат кога го видов тоа нешто и фолиите, не бев ни свесна дека подоцна нема да ме пушти толку лесно да се откажам од него. Дете на 14 год што би можело да знае?, прашува таа и продолжува:
-Навиките на лошото друштво, станаа и мои навики. Првпат кога го видов хероинот мислев дека е карта кон поинаков свет каде нема да го слушам викањето на мајка ми. Хероинот прво ти создава мисли дека е некој убав свет, за подоцна тој свет да стане пекол, вели Наташа за нејзината прва средба со тешкиот опијат.
Десетина години Наташа се мачела да излезе од тој безизлез, но за жал битката била тешка.
-Да сакаш, а да мислиш дека да не можеш – тоа ти го прави дрогата, вели таа.
Сè до својата 25-годишна возраст била зависник и тогаш заедно со татко си, кој целиот период бил нејзина сенка, нејзин најголем пријател и поддршка, одлучиле, уште еднаш, да соберат сила и да се обидат да најдат излез од зависноста.
Наташа со својот татко заминала во Белград на лекување и побарала помош од стручни лица. Тие ѝ помогнале на Наташа да се соочи со проблемите поради кои првично посегнала по дрогата: како да ја прифати болеста на нејзината мајка и како да се носи со тоа, како да ја зајакне самодовербата, и што е најважно како пред натамошните искушенија од нејзиното дотогашно секојдневие да каже „Не“ за да остане на вистинскиот пат за конечно победа над зависноста.
Враќањето во Гевгелија и искушенијата
– По враќањето во родниот град Гевгелија, стравот дека ќе продолжам по старо, беше сè поголем. Но, од таму се вратив и со еден пријател, кученцето Бјонде. Грижата за него, ме промени целосно. Гевгелија сè уште ме памети како девојката со кученцето. Дилерите видоа дека веќе не сум истата, дека го кажувам постојано зборот „Не“ и полека се откажаа. Имаше уште некои кои пробуваа да ме навлечат повторно, но не успеаја. Од ден на ден, стравот дека ќе се вратам повторно на дрогата, стануваше сè помал, за на крај, целосно да исчезне, вели Наташа за својот триумф над хероинската зависност после кој веќе можела да гради нов живот врз темелите на рунираното детство и рана младост.
Нејзиниот татко конечно бил среќен и спокоен. Тогаш Наташа се вратила таму каде што застанала, грабајќи силно и спокојно напред за да ја стигне својата генерација. Се запишала на факултет и почнала да волонтира во болница. Татко ѝ, во сè ѝ помагал и заедно поминале убав период полн со нови успеси.
– Му благодарам на Господ што успеав да се извлечам без големи последици. Вечно ќе му бидам благодарна, вели Наташа.
Загубата на таткото како нова пресвртница
Пред 6 години, таткото на Наташа починал, но тоа не ја обесхрабрило да ја продолжи својата борба и да остане на патот кој го трасирала со родителот кој цело време ѝ помагал и ѝ пружал љубов, поддршка и утеха во најтешките моменти. Потоа се омажила со човекот кој бил нејзина постојана поддршка. Им се родиле и дечиња. Денес Наташа за себе вели дека е сосема друг човек: посветен работник и смирен родител. Столб во фамилијата, жена борец која храбро чекори низ животот, се соочува и ги решава проблемите.
Тоа што го преживеала таа, вели, не би сакала на никој да му се случи. Трите дечиња ги воспитува со многу грижа, целосно им е посветена и се труди да им овозможи иднина во која нема да се соочат со трауматични ситуации кои сега се дел од нејзиното минато. Наташа вели дека секогаш ќе биде тука за нив.
Наташа е една од храбрите и доволно силни и одлучни кои успеале во својата борба и јавно говорат за тоа. Вербата дека ќе успее, кај неа била многу силна. Постојано копнеела по едно нешто – да има топол дом. И да биде мајката што вели дека нејзе и недостасувала во клучните моменти на растењето и созревањето. Денеска тие копнежи се реалност на Наташа. Три дечиња и сопруг кои ја поддржуваат.
-Па луѓе, вреди да се издржи. Не е лесно, но надеж, верба и желба мора да посто за да се успее во замислата, за да се победи и тогаш кога се изгледа безнадежно, очајно и претешко, ја завршува својата животна приказна Наташа.
Таа ја сподели за да им помогне на семејствата чии деца се борат со зависност како и на самите зависници дека патот не е лесен, но треба да се изоди, да не се губи надеж и да се бара стручна помош и поддршка и успехот ќе следи. Наташа е пример за тоа!