НАСА сними спектакл — зошто Црното Море ја менува бојата и станува сѐ потиркизно?
Секоја пролет Црното Море поминува низ необична природна трансформација – неговата темносина боја се претвора во млечно тиркизна. Овој впечатлив феномен го предизвикуваат коколитофорите – микроскопски едноклеточни алги покриени со ситни плочки од калциум-карбонат, кои ја расејуваат сончевата светлина и му ја даваат препознатливата тиркизна нијанса на морето, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На 22 јуни 2026 година, сателитот „Пејс“ на НАСА го забележа Црното Море во екот на цветањето на фитопланктонот со помош на инструментот „Оушн колор инструмент“ (ОЦИ). Неколку недели претходно, на 27 мај, астронаут од Меѓународната вселенска станица го фотографираше истиот феномен, при што тиркизните ленти беа видливи и во Босфорот, следејќи ги морските струи што го поврзуваат Црното со Мраморното Море.
Сепак, за научниците овие снимки не се само визуелен спектакл. Тие се обидуваат да откријат што го одредува почетокот, интензитетот и времетраењето на цветањето на коколитофорите.
Истражување објавено во научното списание „Дајверзити“ покажало дека во 2022 и 2023 година цветањето во североисточниот дел на Црното Море траело значително подолго од вообичаено, продолжувајќи до јули наместо да ослабне кон средината на јуни.
Истражувачите утврдиле дека продолженото цветање било резултат на специфична комбинација од слаби ветрови, температурната структура на водата и нерамнотежата на хранливите материи. Поради тоа, следната фаза од природниот сезонски циклус се одложила за околу два месеца.
💙 The Black Sea 💙 sits at the boundary between Europe and Asia and connects to the Mediterranean Sea via a chain of waterways. Its surface often appears dark, but each spring and summer it transforms into a striking expanse of swirling turquoise. The OCI (Ocean Color… pic.twitter.com/OPdOS8LuaC
— Penka Kostadinova (@PenkaKostadino2) June 27, 2026
Вообичаено, кон крајот на пролетта доминираат коколитофорите. На почетокот на летото количеството азот се намалува, водата станува помалку стабилна, а нивното место го заземаат дијатомеите – друг вид алги со силициумски обвивки, кои ја прават водата потемна.
Но, во 2022 и 2023 година оваа промена не се случила навреме.
Главната причина било продолженото отсуство на силни ветрови. Без мешање на водените слоеви, површинскиот слој останал плиток – на длабочина од само три до осум метри – создавајќи идеални услови за развој на коколитофорите.
Тиркизната боја е видлива и од вселената затоа што коколитофорите достигнуваат огромна густина, а нивните плочки од калциум-карбонат ја менуваат бојата на морската површина.
Освен што создаваат впечатлив пејзаж, тие имаат и значајна улога во јаглеродниот циклус. Коколитофорите се дел од таканаречената биолошка пумпа за јаглерод – процес преку кој морските организми врзуваат јаглерод диоксид од атмосферата и го пренесуваат во подлабоките слоеви на океаните.
При создавањето на своите калциум-карбонатни плочки тие користат растворен јаглерод од морската вода. По нивното угинување, дел од тој јаглерод тоне кон морското дно, каде што може да остане складиран многу долго време.
🌊 Black Sea Just Turned Milky Blue From Orbit The Black Sea can look almost unreal when its dark water turns milky blue. In spring and summer 2026, NASA Earth Observatory reported that phytoplankton added that turquoise tint to the Black Sea and nearby waterways. pic.twitter.com/2mcO8gib2T
— Stellarix (@Stellarixorine) July 1, 2026
Сепак, самиот процес на формирање на плочките истовремено ослободува и јаглерод диоксид како нуспроизвод, што привремено ја намалува способноста на морето да апсорбира дополнителен јаглерод диоксид од атмосферата.
Поради својот затворен географски облик и долгогодишните научни набљудувања, Црното Море претставува природна лабораторија за проучување на влијанието на климатските промени врз морските екосистеми.
Анализата на податоците од последните 25 години покажува дека цветање на коколитофорите кое траело до јули било забележано само двапати – во 2022 и 2023 година.
Иако научниците засега не го сметаат ова за траен тренд, предупредуваат дека механизмите што го предизвикуваат се исклучително чувствителни на климатските промени. Доколку повисоките температури ја зголемат стабилноста на површинските води, коколитофорите би можеле да станат почести, што би влијаело врз способноста на морето да апсорбира јаглерод диоксид. Од друга страна, почестите бури би придонеле за посилно мешање на водата и би создале поповолни услови за развој на дијатомеите.
Затоа, научниците нагласуваат дека долгорочното следење на овие процеси е клучно за подобро разбирање на идните последици од климатските промени врз морските екосистеми.


