„Направив сѐ за да ѝ чука срцето на принцезата Дијана“: Хирург ги откри деталите од кобната ноќ

Profimedia
колаж: фото - профимедиа

МонСеф Даман е хирург кој работи на француската ривиера во мал град во кој претежно престојуваат милијардери, сликари и холивудската елита. Секој 31 август му поминуваат тешки мисли бидејќи се сеќава на настанот што го обележа неговиот живот и го шокираше целиот свет. Тој тогаш бил само млад хирург кој работел во голема париска болница.

Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа пред 24 години, во парискиот тунел при бегањето од папараците. Лекарот, односно хирургот кој се борел да ја одржи во живот, минатата година првпат проговори за „Дејли мејл“.

Решил да ги открие деталите за борбата за животот на принцезата, шокиран од фактот што речиси четвртина век подоцна, се шират теории на заговор за нејзината смрт. Тој детално ја опиша ноќта кога, по несреќата, била донесена во Ургентниот центар во Париз.

Profimedia
Фото: Profimedia

Невидена борба за живот

Принцезата од Велс ја донеле во критична состојба, бидејќи претрпела срцев удар на местото на несреќата, рекол лекарот.

– Спиев во просторијата за одмор, кога дежурниот анестезиолог ме разбуди и рече дека имаме итен случај. Не знаевме која е повредената личност, само ни рекоа дека пристигнува жена која имала сообраќајна несреќа. Не го знаевме нејзиниот идентитет, ја донесоа во критична состојба – рекол тој.

На носилката се наоѓала принцезата Дијана, а целиот персонал веднаш ја сфатил сериозноста на ситуацијата.

– Итно ќе реагиравме и да беше некоја друга млада жена и да доживееше таква несреќа, но тука беше во прашање принцеза. Една од стажантките само немо стоеше во аголот. Принцезата веднаш беше испратена на рендген каде се утврди дека има многу опасно внатрешно крвавење. Во тој момент, бидејќи нејзината крвна група сè уште не беше утврдена, прими единица нулта крвна група. Околу два часа по полноќ, доживеа втор срцев удар – ја опиша атмосферата и борбата за животот на принцезата.

Profimedia
Фото: Profimedia

Нејзината состојба барала итен зафат, немало време да ја префрлат во операциската сала, па зафатот бил направен на самото место.

– Направив сè што можев за таа да може да дише, срцето не ѝ работеше правилно бидејќи не добиваше доволно крв. Помина половина час и знаевме дека ни треба чудо. Го повикаа најдобриот француски кардиохирург, го извлекоа од креветот за да дојде – раскажал д-р Даман.

Кардиохирургот професор Ален Пави веднаш наредил Дијана да ја префрлат во сала, каде тим лекари продолжиле да се борат за нејзиниот живот. Пави сакал од операцијата да се утврдат причините за тоа внатрешно крвавење.

– Во текот на процедурата беше утврдено дека на принцезата ѝ е искината горната лева белодробна вена, и тоа на местото каде што се поврзува со срцето. Пави успеа да го санира тоа оштетување, но веќе беше доцна – се сеќава Даман.

Profimedia
Фото: Profimedia

Срцето на принцезата престанало да чука уште пред да ја оперираат, но таа вештачки била одржувана во живот. Не можеле да ја повратат, а лекарите ја губеле битката за животот на Дијана.

– Пробавме масажа на срце, дефибрилатор, ѝ дадовме адреналин. Но, нејзиното срце не почна повторно да чука. Се боревме, пробавме сè. Болницата Пити-Салпетриер е еден од најдобрите ургентни центри во Франција. Успевавме да спасиме и луѓе во многу полошо состојба од неа. Но, не и принцезата – рекол тој.

И покрај тоа, тимот ги продолжил напорите да ја одржи принцезата во живот уште еден час. И наодите на еминентниот британски патолог, д-р Ричард Шепард исто така потврдиле дека францускиот медицински персонал сторил сè што е во нивна моќ. Дека ниту една стратегија не би помогнала во ваков случај.

Profimedia
Фото: Profimedia

– После сè, чувствувате голем физички замор бидејќи го вложивме секој атом на сила за да ѝ го спасиме животот. Сите бевме изморени и скршени. Дури не го ни забележав претседателот Ширак кој дојде да ѝ оддаде почит на Дијана – рекол лекарот и потоа ги опишал бизарните сцени во и околу болницата во деновите што следувале.

Бизарни сцени по смртта на Дијана

Болницата била опкружена со новинари и папараци, лекарите доживеале срамни сцени. Новинарите се обидувале да се пробијат во болницата, се распрашувале по ходниците и одделенијата, се маскирале во медицински персонал и туркале колички низ болницата, сè во обид да им приближат на членовите на тимот кои се обиделе да ја спасат принцезата.

Најбизарниот од овие инциденти, д-р Даман никогаш нема да го заборави. Ноќта кога траела борбата за животот на Дијана, носел, како и секогаш, бели кломпи.

– Дури следното утро забележав дека кломпите ми се крвави. На нив беше крвта на Дијана. Не стасав да ги исчистам, но во наредните денови ми пријде еден човек додека во болницата и ми рече – „сакам да ги купам вашите кломпи, тие на себе имаат сина (односно кралска) крв“. Фасцинантно е колку далеку се подготвени луѓето да одат – вознемирено рекол доктор Даман, додавајќи дека потоа кломпите ги исчистил.

Приказната не завршува тука, барем не за лекарот. Тој останал обележан како некој што се обидел да ја спаси принцезата.

– Страшно е што толку убава личност заврши толку трагично. Се обидувам да не навлегувам во деталите како што поминуваат годините, но секогаш кога ќе излезе нова книга на француски јазик за смртта на Дијана, некој ми ја испраќа. Така, за жал, имам колекција од такви книги – рекол МонСеф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот