Часовник - Фото: Freepik

Накоро ќе започне зимското сметање на времето: Оваа година со една промена што нема да ви се допадне

Ноќта меѓу сабота и недела, на 26 октомври, Македонија повторно ќе премине на зимско сметање на времето. Точно во три часот по полноќ, стрелките ќе се поместат еден час наназад, на два часот, со што ќе добиеме еден час повеќе сон и ќе се означи враќањето на стандардното време.

Оваа промена, која традиционално носи повеќе дневна светлина наутро, но и порано затемнување попладне, годинава ќе се случи најрано во последниве единаесет години. Последен пат стрелките се поместуваа на ист датум во 2014 година.

Практиката на поместување на времето не е од поново време  таа потекнува уште од Првата светска војна. Први ја вовеле Германија и Австро-Унгарија, со цел заштеда на енергија. Подоцна, оваа пракса повеќепати била укинувана и повторно воведувана на територијата на поранешна Југославија, за конечно да се применува без исклучок во 1983 година.

Со воведувањето на единствени прописи на ниво на Европската унија во 1996 година, целиот процес е стандардизиран, па така сите земји членки преминуваат на летно време последната недела во март, а се враќаат на зимско последната недела во октомври. Основната идеја била усогласување на сообраќајот, комуникациите и бизнисот во рамки на растечкиот единствен пазар.

И покрај долгата традиција, незадоволството од поместувањето на времето го достигна својот врв во 2018 година, кога Европската комисија спроведе јавно истражување во кое учествуваа дури 4,6 милиони граѓани на ЕУ. Резултатите покажаа дека дури 84 отсто од испитаниците се изјасниле за укинување на оваа пракса. Европскиот парламент во 2019 година изгласа укинување на сезонското менување на времето, со план последната промена да се случи во 2021 година.

Меѓутоа, тогаш сè застана. Земјите членки не успеаја да се усогласат околу клучното прашање: дали трајно да останат на летно или на зимско време. Додека некои земји, како Франција и Полска, беа наклонети кон трајно летно време, други, како Финска и Холандија, претпочитаа зимско.

Поради изостанок на договор и последователните глобални кризи, како што беше пандемијата, одлуката за укинување на менувањето на времето беше во втор план и ставена „на чекање“. Според моментално важечките директиви на ЕУ, практиката ќе продолжи најмалку до 2026 година. Постои надеж дека прашањето повторно ќе се отвори за време на полското претседателство со Советот на ЕУ во 2025 година, но до тогаш граѓаните на Македонија можат да бидат сигурни дека ќе ги местат своите часовници двапати годишно. Сè додека не се постигне конечен договор на ниво на Унијата, ритуалот на „изгубениот“ час напролет и „добиениот“ на есен останува неизбежен дел од секојдневието.

Додека Европската унија одолговлекува, многу земји ширум светот одамна се откажаа од оваа пракса. Русија во 2014 година трајно премина на зимско време, додека Турција две години подоцна реши да остане на летно. Надвор од Европа, земји како Кина, Индија и Јапонија одамна го укинаа поместувањето на времето. Слични одлуки донесоа и Бразил, Мексико (со исклучок на граничните подрачја со САД), Аргентина, Уругвај, како и Иран, Јордан, Сирија и Азербејџан. Дури и во Европа постојат исклучоци: Исланд и Белорусија не ги менуваат стрелките, додека во Австралија некои сојузни држави применуваат летно време, а други не. Овој глобален тренд кој наложува стрелките на часовникот да не се менуват врши дополнителен притисок врз Европската унија конечно да донесе одлука и да стави крај на праксата која многу експерти и граѓани ја сметаат за застарена.

Историјата на поместување на стрелките на часовникот?

Новозеландскиот ентомолог Џорџ Вернон Хадсон е заслужен за поместување на стрелките на часовникот. Имено, тој врз основа на своите истражувања за приспособување на животот во различни услови, дошол до заклучок дека на луѓето повеќе им одговара животот во текот на денот отколку во текот на ноќта, па затоа во 1895 година предложил да се поместат стрелките на часовникот два часа нанапред за да може да се користи повеќе дневна светлина во текот на летото отколку во попладневните часови.

Практиката на менување на часовниците првпат ја воведоа Германците во 1916 година, а подоцна ѝ се придружија Велика Британија и САД.

Што се случува со организмот откако ќе се смени часовникот?

Поместувањето на времето може да ги „исфрли“ нашите телесни часовници од усогласениот ритам. Промената на часовникот влијае на деноноќниот (циркадијалниот) ритам на телото, физичките, менталните, како и промените во однесувањето.

Нашите тела очекуваат одредени работи да се случат во одредени периоди во текот на денот (како спиење, будење и јадење) врз основа на сончевите сигнали и на правењето на тие работи одново и одново во исто време секој ден.

Промената ја чувствуваме најмногу два до три дена по поместувањето на стрелките на часовникот. А што всушност ни се случува?

Многу луѓе имаат послаба концентрација, намалена ефикасност на работа, чувствуваат замор и се повеќе сонливи. Сепак, како што наведуваат лекарите, овие промени што ги чувствуваме не се толку радикални. Од друга страна, нашето тело страда.

И во овој случај најчувствителни се хронично болните. Имено, проблемите можат особено да ги почувствуваат метеоропатите и хронично болните. А времето генерално ќе влијае на психата и расположението на луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот