Највпечатливите дела на Искра Димитрова ќе бидат презентирани во КСП „Центар-Јадро“

Во рамките на проектот „Македонски визуелни уметници“ на 5 декември, со почеток во 19.30 ласот, во КСП „Центар-Јадро“ ќе биде претставено творештвото на македонската визуелна уметница Искра Димитрова.

Во текот на 2021 година, КСП „Центар-Јадро“ реализираше проект кој вклучуваше разговори со визуелни уметници и дизајнери, кои пред пошироката јавност ја претставија својата богата продукција.

Во рамките на 20-те предавања/презентации, уметници и дизајнери од повеќе генерации направија преглед на своето творештво преку избор од своите најрепрезентативни проекти.

Проектот беше заокружен со издавање на репрезентативна публикација со транскрипти од снимените разговори и богат визуелен материјал, а беше организирана и групна изложба во Загреб.

Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП „Центар-Јадро“ продолжува со нова серија разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција, како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.

Визуелната уметница Искра Димитрова се вбројува меѓу уметниците кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена над три децении, со дела во различни медиуми, како перформанс, видео и инсталација, изложувани на самостојни и групни изложби во земјата и странство.

Во фокусот на нејзината работа е истражување и преиспитување на релациите со природниот амбиент, со фокус на телото како непосредна природа и искуство, како и живиот свет и еколошките проблеми во урбаната средина.

Со различен пристап кон специфичната тема, делата зборуваат за границите помеѓу приватниот интимен простор и јавното, за позицијата на жената, како и функционирањето на медиумската сфера и начините на креирање на јавното мислење – дела кои таа ги обликува како просторни интервенции, инсталации и акции.

Во последните години работи на долгорочни активистичко-уметнички проекти кои се однесуваат на градежната експанзија и узурпацијата на приватниот, но и на јавниот простор.

Во презентацијата и разговорот, кој ќе го води кураторот Владимир Јанчевски, ќе биде направен преглед на творештвото на Димитрова со фокус на некои од највпечатливите дела, меѓу кои и нејзиниот последен голем проект „@Траги“ (Национална галерија – објект Чифте Амам, 2019).

Серијата разговори се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на РС Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот