Најпродаван албум на сите времиња: 40 години од „Трилер“, ремек-делото на Мајкл Џексон

Фото: Скриншот/Јутјуб

Кралот на поп-музиката Мајкл Џексон го објави албумот „Трилер“ на утрешен ден, 30 ноември, пред точно четири децении. Имено, не само што се работи за неговиот најпознат албум, туку е и најпродаваниот музички албум на сите времиња, со проценка од 65 до 110 милиони продадени копии.

„Трилер“ доживеа огромен успех и беше на врвот на табелата „Билборд 200“ цели 37 недели, како и во топ 10 во 80 последователни седмици. Седум песни од албумот беа издадени како синглови и сите влегоа меѓу првите десет на топ-листата „Билборд хот 100“.

Исто така, овој албум oсвоил рекордни осум Греми награди во 1984 година, вклучувајќи ја наградата за „Албум на годината“, а песната „Beat It“ била прогласена за „Песна на годината“.

И покрај бројните контроверзии низ годините, Џексон и ден-денес е популарен, а неговата музика се „стримува“ повеќе од 35 милиони пати месечно на музичките платформи како Спотифај.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Michael Jackson (@michaeljackson)

Овој музички проект го постави Џексон меѓу доминантните поп-ѕвезди на крајот од 20 век и му овозможи да ги сруши расните бариери. Ова е еден од првите музички албуми кои ги искористи спотовите како успешни промотивни алатки, а видеозаписите за песните „Thriller“, „Billie Jean“ и „Beat It“ и ден-денес се прикажуваат на музичките телевизии.

Сепак, и покрај големиот успех на албумот на топ-листите, Џексон првично не успеал да се пробие на музичката телевизија „Ем-ти-ви“. Уредниците на телевизијата не сакале да го емитуваат видеозаписот за песната „Billie Jean“, со оправдување дека музиката на црнците „не се вклопува“ во програмата на „Ем-ти-ви“, на која доминирала рок-музика и музика која ја прават белци.

Изреволтиран од ситуацијата, шефот на издавачката куќа „Си-би-ес“, Волтер Јетникоф се заканил дека јавно ќе ја осуди „Ем-ти-ви“ како расистичка телевизија и дека ќе им забрани на сите свои изведувачи, вклучувајќи ги и рокерите, да се појавуваат таму.

Јетникоф ја добил битката со „Ем-ти-ви“, но потоа влегол во конфликт и со самиот Џексон бидејќи музичарот му побарал милион долари за снимањето на видеозаписот за „Трилер“. Џексон сакал да соработува со познатиот филмски режисер Џон Лендис, а Јетникоф сметал дека целата идеја немала смисла бидејќи албумот веќе долго време бил на првото место на топ-листите.

Сепак, Џексон ја изреализирал својата идеја и снимил високо квалитетен видеозапис со времетраење од 14 минути, кој бил премиерно прикажан во киносала пред десетици познати личности во Холивуд. Останатото е историја.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот