Мистер Бист / Фото: Fayez Nureldine / AFP / Profimedia

Најпопуларниот јутјубер на светот размислува да излезе на берза, неговата компанија вреди пет милијарди долари

Најследениот јутјубер во светот, Мистер Бист, размислува да ја изнесе својата компанија „Бист индистрис“ на берза. Вредноста на компанијата е проценета на околу пет милијарди долари, а ваквиот чекор би ѝ овозможил на неговата глобална публика да стане дел од сопственичката структура, пренесува францускиот медиумски сервис „БФМ Бизнис“.

Извршниот директор на „Бист индистрис“, Џеф Хаусенболд, ги потврди плановите и истакна дека содржините на Мистер Бист во последните три месеци ги следеле 1,4 милијарди уникатни гледачи.

Според него, „Бист индистрис“ се развила во глобална медиумска група која се фокусира на монетизација на огромната база обожаватели, а со излегувањето на берза, дел од тие гледачи би можеле да станат акционери.

„Бист индистрис“ е компанија што обединува повеќе бизниси на Мистер Бист и минатата година оствари приходи од над 400 милиони долари.

Проценетата вредност од пет милијарди долари се темели на експанзијата во неколку области:

  • прехранбени производи
  • линија играчки
  • книги
  • детски анимирани програми
  • ријалити-серијата „Бист гејмс“, која привлече големо внимание и бројни полемики

Според „Блумберг“, најголем дел од приходите доаѓаат од брендираните чоколадни производи, кои минатата година донеле 250 милиони долари приход и над 20 милиони долари профит.

Иако јутјуб-каналот на Мистер Бист е најпознатиот и највидлив дел од неговиот бренд во светски рамки, тој учествува помалку во вкупната заработка отколку производите и лиценцираните содржински формати.

Компанијата активно се шири и развива нови проекти, меѓу кои финансиска платформа и мобилен оператор „Бист мобил“, кој би ја користел постојната телекомуникациска инфраструктура на големи американски компании како „Верајзон“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот