НАЈГОЛЕМИ ПРОМЕНИ на Facebook во последниве 8 години. Еве што да очекуваат корисниците! (ВИДЕО)

Во текот на годишната „F8“ конференција за програмери во Сан Хозе, Калифорнија, основачот на компанијата „Facebook“, Марк Цукерберг откри низа детали за промените – како на мобилната така и на десктоп-верзијата – истакнувајќи дека ова е најголем чекор за социјалната мрежа уште од 2011 година, кога беше претставен времепловот, пренесе „Бизлајф.рс“.

Пред сè, тука е новиот дизајн. Основната мобилна апликација на „Facebook“ ќе доживее голем редизајн, во напор на компанијата да се доближи до барањата и преференците на корисниците.

„Дури веќе нема да бидеме ни сини“, се пошегува Цукерберг на презентацијата коментирајќи го новиот изглед на „Facebook“, на кој ќе доминира белата боја.

Логото на социјалната мрежа исто така ќе биде променето и ќе биде помодерно. Клучен аспект на редизајнот ќе биде и поголемиот фокус на групите, кои се еден од најактивните делови на социјалната мрежа.

Повеќе од 400 милиони луѓе се зачленети во разни групи, а станува збор за корисници кои не сакаат јавно да споделуваат содржини поради срамежливост или некоја друга причина.

„Таквите заедници ќе добијат централно место на „Facebook“, веднаш покрај вашите пријатели“, најави Цукерберг.

Од неговиот говор можеше да се насети дека „Facebook“ се враќа кон поинтимната и поприватна комуникација.

Дополнително, новиот дизајн ќе им овозможи на корисниците да имаат увид во најважните објави во групите во кои членуваат, а кои ќе бидат презентирани во посебен дел.

Од останатите промени, тука е и шифрираното допишување на „Messenger“, чија содржина веќе нема да биде оставена како траен запис на „Facebook“, како и опцијата „Secret Crush“, слична на досегашниот „Facebook Dating“, кој беше достапен само во некои земји.

„Secret Crush“ ќе функционира како апликацијата „Tinder“ – ќе можете да означите некое лице од вашите пријатели кое ви се допаѓа и тоа ќе биде тајно, освен ако тоа лице не означи дека и вие му се допаѓате.

Промени се воведуваат и на „Instagram“, а најважна е онаа за приватниот бројач на лајкови. Посетителите на профилот нема да можат да видат колку лајкови има некој, нешто што ќе биде видливо само за сопственикот на профилот.

Повеќето промени веднаш ќе бидат видливи на мобилната апликација на „Facebook“, додека на десктоп-варијантата ќе се појавуваат во текот на следните месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот