Надзорниот одбор не постои, ама МРТ има план – и тоа финансиски од 4 милиони евра за копродукција
МРТ со рекорден буџет за копродукции во 2026 година – околу 250 милиони денари ќе се потрошат на приватни компании за создавање ТВ-содржини, иако јавниот сервис нема активен Надзорен одбор што треба да го одобри планот. Финансискиот документ е навреме доставен до Собранието, но без законски валидна согласност, што отвора сомнежи за транспарентноста и оправданоста на расходите за копродукции што со години предизвикуваат поделени реакции во јавноста.
Само за копродукции со приватни компании, Македонската радио-телевизија (МРТ) планира да потроши околу 250 милиони денари, или нешто над 4 милиони евра во 2026 година.
Препорачано
Тоа е една од највисоките ставки во финансискиот план на јавниот сервис, што повторно ја отвора старата дилема – дали навистина е неопходно толку пари да се трошат на надворешни соработници и дали МРТ самостојно не може да ја произведе таа содржина.
И додека јавноста е сѐ уште во шок од сумите предвидени за копродукции, проблемот со годинешниот финансиски план не е само во висината на расходите, туку во начинот на кој тој е доставен до Собранието.
Навремено, ама невалидно
Програмскиот совет на МРТ навреме го испратил финансискиот план за 2026 година до собраниските служби – до 30 октомври, како што налага законот, но тоа го сторил без законски задолжителната согласност од Надзорниот одбор, затоа што таквиот орган е распуштен и во моментов воопшто не постои.
Членови на Програмскиот совет се правдаат за „Слободен печат“ дека документот бил испратен само за да се запази рокот, со план веднаш по изборите на 2 ноември да се започне постапка за избор на нов Надзорен одбор.
– Веднаш по завршувањето на вториот круг од локалните избори, ќе биде започната постапка за избор на членови во Надзорен одбор. Целиот процес би траел околу еден месец, па планот е кога конечно ќе се формира, тој да го разгледа, да се усвои и повторно да го испрати финансискиот план во Собранието со образложение дека првичната верзија била само „техничка“ и била поднесена за да не се прекрши законската обврска, односно само за да се запазат роковите – ни изјави член на Програмскиот совет, кој инсистираше да остане анонимен.
Побаравме официјален став и од претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски, кој е потпишан на Одлуката за усвојување на Годишна програма за работа на ЈРП Македонска радио-телевизија за 2026 година испратена до Собранието.
– Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија го усвои Програмскиот дел од Годишната програма за работа на МРТ, со што беше постапено во согласност со член 106 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Притоа запазен е законскиот рок до 30 октомври за доставување на документот до Собранието. Во однос на прашањето за мислењето на Надзорниот одбор, сакам да истакнам дека Програмскиот совет во два наврата го има известено Собранието дека во моментов МРТ нема избран Надзорен одбор. Во таа смисла, Собранието е навремено информирано дека согласноста во однос на финансискиот план ќе биде доставена дополнително, по изборот на новиот состав на ова тело. Советот ја има предвид законската одредба од член 8-а став 1 од Изборниот законик, според која во текот на изборен процес е забрането спроведување постапки за именувања во органи на управување и надзор. Веднаш по завршување на изборниот процес, Програмскиот совет во согласност со својата претходно едногласно донесена одлука ќе пристапи кон објавување јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор во целосна согласност со законските прописи – објаснува Пашовски.
Собранието треба да го одобри финансискиот план до 31 декември, додава тој, а со оглед на тоа што до тогаш очекуваме да биде избран новиот состав на Надзорниот одбор, уверени сме дека неговото мислење и согласност ќе бидат доставени навремено.
– За жал, мора да се нагласи дека во Законот не се предвидени вакви ситуации, како што тоа беше сторено во однос на продолжувањето на мандатот на претходниот состав на Програмскиот совет, што дополнително го отежнува функционирањето на јавниот сервис во вакви преодни периоди – ни изјави Пашовски.
„Прогледување низ прсти“
Јавниот сервис во моментов формално има испратено Годишна програма што сè уште не поминала институционална контрола. А токму Надзорниот одбор е тој што по закон треба да врши надзор над материјално-финансиското работење, да ја проверува усогласеноста на планот со програмските обврски и да даде конечна согласност пред документот да оди во Собранието.
Оваа празнина отвора повеќе прашања – дали Собранието воопшто ќе може да го разгледа планот без мислење од Надзорен одбор и дали ќе почека на новиот состав пред да го стави на дневен ред. Иако Програмскиот совет на МРТ ја почитувал формата и ги исполнил роковите, суштински документот е невалиден.
Сепак, поранешниот член на Програмскиот совет на МРТ, Ведат Мемедалија, за „Слободен печат“ тврди дека и во минатото се случувало Собранието „да прогледа низ прсти“ и да го усвои финансискиот план без согласност од Надзорен одбор.
– Се случувало и порано да се најдеме во слична ситуација кога поради некои причини не било можно навремено да се формира Надзорниот одбор, а ние како Програмски совет сме биле законски обврзани да го испратиме финансискиот план до Собранието најдоцна до 30 октомври. Затоа, неколку денови пред истекот на рокот обично праќавме писмо до Собранието и отворено прашувавме како да постапиме во таа ситуација. Најчесто добивавме одговор да го испратиме финансискиот план без мислењето на Надзорниот одбор, па лесно беше усвојуван на пленарна седница – ни изјави Мемедалија.
И поранешниот собраниски спикер Тито Петковски во разговор за „Слободен печат“ потврдува дека низ годините често се случувало пратениците на пленарна седница да го усвојат финансискиот план на МРТ, без согласност од Надзорен одбор.
– Не паметам колку пати Собранието било во ситуација да го усвојува финансискиот план на МРТ иако нема право да го стори тоа без Надзорен одбор. Но, за жал, никој не гледал толку строго на оваа работа. Видете само какви престапи се прават во државата, па зарем мислите дека некој ќе се фати токму за финансискиот план на МРТ? Станува збор за „луда куќа“ во „луда држава“, ништо повеќе, ништо помалку. Инаку, точно, усвојувањето на финансискиот план во Собрание без согласност од Надзорен одбор е невалидно, но, ете, поминува – изјави Петковски.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е јасен: Надзорниот одбор треба да ја следи материјално-финансиската состојба на МРТ, да ја одобрува годишната сметка и финансискиот план, и да внимава на секоја поголема финансиска обврска. Но, во отсуство на овој орган, сите тие функции фактички мируваат.
Прескапа копродукција, а колку неопходна?
Со оглед на тоа дека копродукциите веќе со години се една од најголемите расходни ставки во работењето на јавниот сервис, прашањето што сè почесто се поставува е – колку навистина тие придонесуваат за подобра, поквалитетна програма?
Или, со други зборови: дали четири милиони евра годишно навистина се инвестиција во јавниот интерес, или само уште една непрегледна финансиска зона во рамките на МРТ?
Снежана Трпевска, експерт за медиумски политики, во разговор за „Слободен печат“ објаснува дека идејата да се стави во закон обврска на јавниот сервис да нарачува програми од независни продуценти уште одамна произлегла од потребата да се зајакне филмската индустрија, детската играна програма и сѐ што бара голем продукциски зафат.
– Значи, целта е да се јакне продукцијата од европско потекло наспроти силната американска продукција. Тврдам дека тие пари за копродукција се пред сѐ наменети за играна програма којашто недостасува и која е тешка за продукција, но народот сака да ја гледа. Примарно треба да се поттикне домашната продукција. Примарно треба да ја организира и да ја произведува јавниот сервис, или, пак, да ја нарачува под негова уредувачка контрола. Тоа е идејата на таа одредба во законот врз база на која јавниот сервис ова го прави веќе неколку години. Во член 110 од законот стои какви програми треба да произведува МРТ. Освен вести, треба да произведува и дебати што ќе бидат во сопствена продукција и кои ќе ги водат и ќе ги уредуваат новинарите и уредниците кои се вработени таму – објаснува Трпевска.
Меѓутоа, посочува таа, ако ја погледнете програмата на МРТ, тогаш ќе забележите колку актуелно-информативни програми се планирани да се произведуваат со копродукција.
– За разлика од тоа, на вториот сервис на албански јазик не најдов многу такви програми, минимални се, и обично се однесуваат на детски емисии и квизови. Втората важна работа во програмата врз база на која се заснова финансискиот план што треба да го одобри Надзорниот одбор, таму не е опишан и не е експлицитно наведен програмскиот интерес зошто се користи копродукција. Редакцијата мора да објасни зошто некој одреден производ ќе го даде на соработници и зошто со сопствените капацитети не може да го произведе – порачува Трпевска.
Нема кој да работи
Генералниот директор на МРТ Марјан Цветковски за „Слободен печат“ објаснува дека Македонската радио-телевизија има законска обврска, во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да обезбедува дел од својата програма од независни продуценти.
– Таа обврска, МРТ ја исполнува и преку учество во ТВ-проекти во кои се јавува како копродуцент. Меѓу копродукциските проекти што имале и имаат најпозитивен одзив на пошироката публика се: „Тинејџерски камп“, „Зоки Поки“, „Дајте музика“, „Буквождер“ и други. Реално, Македонската телевизија нема на располагање ниту технички и продукциски, ниту човечки ресурси за производство на квалитетни содржини од ваков тип. Меѓу расположливиот кадар нема доволен број вработени режисери, продуценти, кинематографери или актери коишто би можеле да бидат ангажирани во самостојно производство на програма, а тоа да не се одрази на функционирањето на куќата во другите области на дневно ниво – ни изјави Цветковски.
Тој се жали дека во МРТ нема самостоен капацитет и соодветно обучен кадар за висококвалитетно истражувачко новинарство.
– Нема кој да го понесе товарот за долги и макотрпни истражувања што би биле преточени во атрактивен серијал за сензитивни теми од нашето опкружување. Во таа смисла, МРТ го прави она што може – го поттикнува развојот на истражувачкото новинарство како копродуцент на важни и гледани проекти како „360 степени“, „Истражувачка репортерска лабораторија“… Во однос на отсуството на конкретни имиња на проекти, реално во овој момент не може да се предвиди какви ќе бидат работните наслови на проектите што ќе пристигнат на јавниот конкурс, а уште помалку имињата на продукциите што ќе поднесат апликација – истакна Цветковски.
Ова досега не се случило – МРТ не емитуваше ТВ-дневник, а објаснување нема


