Депонија околу натпатникот во Инџиково / Фото: Приватна архива

Надвозникот меѓу Инџиково и Хиподром – црна точка за надлежните, омилен за загадувачите

Од ЈКП „Гази Баба 2007“ ни одговорија дека по пријавите излегле екипи на терен и во текот на вчерашниот ден ја исчистиле оваа локација од сите мини-депонии што се насобрале во изминатиот период, но посочија дека иако службите излегуваат на терен и ги чистат ѓубриштата, оваа локација и понатаму останува, како што велат, црна точка без надзор каде што дел од граѓаните продолжуваат незаконски да го одложуваат својот отпад.

Пешачкиот мост во Гази Баба што ги поврзува населбите Хиподром и Инџиково, сместен на излезот на Скопје, веќе подолг период е мета на несовесни граѓани, кои ова место го имаат претворено во огромно ѓубриште со неколку мини-депонии што постојано се чистат, а потоа повторно се создаваат.

Депонија околу натпатникот во Инџиково / Фото: Приватна архива

Жителите на овие населби постојано апелираат на трајно решавање на овој сериозен проблем, земајќи предвид дека последно, жителите апелираа на поредовно чистење бидејќи на патеката од мостот имало измет, а просторот околу надвозникот е исполнет со кабаст отпад – двоседи, фотелји и слично, како и градежен и тековен отпад, со што местото е навистина претворено во депонија.

– Што гледаме на патот помеѓу Инџиково и Хиподром? Најголемата депонија ја заградиле веќе неколку денови и направиле планина, мислев дека досега ќе го соберат ѓубрето, но седи така, но затоа (не)луѓето нашле други опции и имаме на повеќе места нов кабаст отпад, а за ситниот и, да не зборам, „цвеќиња“ насекаде – вели жителка што го затекнала ѓубриштето пред неколку денови.

Исто така, проблемот не е само овие денови, жителите се пожалија на ужасната состојба на патничкиот мост уште во октомври 2025 година, кога ѓубриштето кулминираше и имаше огромна количина отпад, а во тој период, за потсетување, непосредно пред локалните избори целиот град беше затрупан во ѓубре, кое беше буквално насекаде, а надлежното претпријатие ЈП „Комунална хигиена“ во тој период беше во тотален хаос и под огромен јавен притисок поради нередовното подигнување на отпадот, а на некои локации отпадот воопшто не беше собиран.

Пешачкиот мост што ги поврзува Хиподром и Инџиково беше изграден и пуштен во употреба во декември 2015 година, а за него беа одделени околу 38 милиони денари, или околу 618 илјади евра. Тој се протега во должина од 63 метри и оди преку автопатот и токму поради ова е од огромно значење за жителите на овие две населби бидејќи е единствена артерија за пешаците и за велосипедистите.

Мостот ќе биде голем и просторен, со челични скали, рампи, бетонски столбови и челична ограда, кои, како што изјави тогашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, ќе овозможат безбеден премин на пешаци, на велосипедисти како и на лица со посебни потреби.

Проектот беше реализиран во предвидениот рок и на него беше поставена најавената опрема, осветлување и рампи за лицата со посебни потреби и 11 години од неговото користење, мостот, инфраструктурно е во одлична состојба и е од корист на жителите на Хиподром и Инџиково. Но хигиенски, локацијата е заборавена од надлежните, кои според жители, ретко чистат, додека, пак, на несовесните граѓани просторот околу надвозникот им е еден од најомилените за депонирање на својот тековен, градежен и кабаст отпад.

За жал, оваа локација се користи и како импровизирани гробишта за животни, земајќи предвид дека граѓани при минување преку мостот забележале мртво животно.

– Едниве ретко чистат, другиве пак неуморно фрлаат буквално сѐ, има и мртво животно блиску до мостот, ама не сакав да го сликам. За стаорците мислам и дека знаете – вели жителка во објава на социјалните мрежи.

Граѓаните се согласуваат дека на ова место „колку и да чистиш, некој пак ќе создава депонии“ и дека чистењето на локацијата ќе го среди проблемот само на краток временски период.

„Слободен печат“ испрати прашања до Јавното комунално претпријатие при Општина Гази Баба кога последен пат нивните екипи биле на оваа локација за да го соберат ѓубрето, животинските трупови и изметот од патеките, како и да го уредат просторот каде што има обраснати треви и дрвја.

Од ЈКП „Гази Баба 2007“ ни одговорија дека по пријавите, излегле на терен екипи и во текот на вчерашниот ден ја исчистиле оваа локација од сите мини-депонии што се насобрале во изминатиот период, но посочија дека иако службите излегуваат и чистат, оваа локација и понатаму останува, како што велат, црна точка без надзор каде дел од граѓаните продолжуваат незаконски да го одложуваат својот отпад.

– Во однос на локацијата на пешачкиот мост што ги поврзува Хиподром и Инџиково и настанатите депонии, наши екипи излегоа на терен по пријави од жителите и исчистија повеќе локации, вклучувајќи ја и онаа под и околу надвозник. Мораме да напоменеме дека иако екипи еднаш месечно излегуваат на терен и го чистат местото околу патничкиот мост од депониите, тоа продолжува да биде „црна точка“ бидејќи веднаш штом исчистиме, несовесните граѓани продолжуваат да ја користат зелената површина како ѓубриште и повторно создаваат депонии – велат од претпријатието за „Слободен печат“.

На нашите прашања дали има план за целосно решавање на проблемот со воведување камери, чуварска служба или редовни инспекции околу пешачкиот мост, од ЈКП „Гази Баба 2007“ одговорија дека во моментот нема таква одлука или предлог, со што веројатно и понатаму ќе продолжи системот на пријавување на отпадот, чистење на депониите и потоа повторно создавање огромни ѓубришта.

Чистење на депонија во близина на пешачкиот мост во Хиподром / Фото: ЈКП „Гази Баба“

Исто така, се обидовме да ги контактираме и градските комуналци од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ за да дознаеме дали комуналните инспектори биле на терен и затекнале како луѓе нелегално одлагаат отпад околу надвозникот, но оттаму до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Низ Гази Баба, но и низ Скопје постојат уште голем број локации слични на онаа како пешачкиот мост во Инџиково, кои низ годините станале црни точки каде што секој може безгрижно да остава секаков тип отпад, отворајќи можност на општините и Градот заеднички да најдат трајни решенија за овие диви депонии, особено во руралните делови, како и ригорозни контроли за причинителите кои откако ќе бидат фатени и казнети, ќе ја изгубат мотивацијата да создаваат ѓубришта поради свои лични потреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот