Начевски и Николов ќе го судат финалето на Светското ракометно првенство

Денеска завршува Светското ракометно првенство во Полска и Шведска со последните четири натпревари во Стокхолм.
Од 13.00 часот е мечот за петтото место меѓу Германија и Норвешка, а од 15.30 часот ќе се сретнат Египет и Унгарија во борбата за седмата позиција.
Потоа од 18.00 часот е дуелот за бронзениот медал меѓу Шпанија и Шведска, а од 21.00 часот во „Теле2“ арената е финалето Данска – Франција.
Финалната пресметка за светската титула ќе го судат Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Македонија.
За нашата судиска двојка тоа ќе биде шестиот натпревар на Мундијалот, претходно судеа на мечевите Португалија – Унгарија 27:20, Бахреин – Тунис 27:27, Шпанија – Франција 26:28, Исланд – Шведска 30:35 и Германија – Египет 35:34.
Ова ќе биде прво финале на светските шампионати за Начевски и Николов, претходно судеа финале на Европското првенство 2020 и финале на Олимписките игри 2020.