На Водно летово постојано ќе има дежурни спасувачи, градските служби ги чистат патеките и урбаната опрема
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека екипи на градските претпријатија започнале со расчистување на патеките на Водно и обновување на урбаната опрема, а исто таа, тој најави и дека во текот на летото таму ќе има спасители – волонтери од Црвениот крст.
Препорачано

„Во пресрет на периодот кога значително се зголемува посетеноста, Град Скопје презема засилени и конкретни активности со цел да се подобри квалитетот на престојот и да се унапреди изгледот и функционалноста на оваа парк-шума. Во текот на летниот период на Водно ќе има континуирано присуство на спасители – волонтери од Црвениот крст, подготвени да интервенираат во евентуални непредвидени ситуации“, објави градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека градските претпријатија веќе неколку дена спроведуваат акција за кастрење на нараснатите треви, како и уредување на велосипедските патеки со ширина од 2,5 до 3 метри и должина од 5 километри.

Дополнително, градоначалникот соопшти дека бил издаден налог до ЈП „Паркови и зеленило“ за целосна реконструкција на урбаната опрема, односно обновување на клупите, кантите, малите мостови, патеките и слично.


