Фото: Profimedia

На табелата за моногамија меѓу цицачите: Луѓето се над меркатите, но дабарите се поверни од нас

Според нова ранг-листа на цицачи според нивните репродуктивни навики, луѓето се најдоа меѓу првите десет моногамни видови, но дабарите се поверни од нас, пишува „Гардијан“.

Во студија на Универзитетот во Кембриџ, луѓето се рангирани на седмото место од вкупно 35 видови на скалата на моногамија – пред белораките гибони и меркатите, но зад бркатите тамарини и евроазискиот дабар.

Д-р Марк Дајбл, еволутивен антрополог на Универзитетот во Кембриџ, наведува дека како вид се наоѓаме високо на листата на моногамни видови, со оглед на тоа што поголемиот дел од цицачите имаат „далеку попромискуитетен пристап кон парењето“.

Најниско на табелата се дивите мачки, делфините и нашите блиски генетски сродници – шимпанзата и планинските горили. Шкотската овца е на самото дно, бидејќи секоја овца се пари со повеќе овни.

Научниците и претходно известувале за стапките на моногамија кај луѓето и животните, но Дајбл сакал да утврди каде точно се наоѓаат луѓето во споредба со другите цицачи. За таа цел, анализирал генетски податоци од студии спроведени кај животни и луѓе и ги пресметал пропорциите на потомци кои имаат исти родители и на полубраќа и полусестри.

Општествата и животните со повисоко ниво на моногамија имаат тенденција да имаат повеќе браќа и сестри со исти родители, додека оние со попромискуитетни навики на парење имаат поголем процент полубраќа и полусестри.

Дајбл открил дека нивото на моногамија значително варира кај повеќе од 100 човечки популации што ги анализирал. Најниската стапка била забележана на локалитет од раниот неолит во Котсволдс, каде што само 26 проценти од браќата и сестрите биле од исти родители. Во исто време, во четири неолитски популации во северна Франција, 100 отсто од децата биле полни браќа и сестри.

Потоа ги рангирал луѓето и уште 34 други видови цицачи според просечниот удел на потомци од исти родители. Првите 11, предводени од калифорнискиот еленски глушец, се сметаат за моногамни, додека преостанатите 24 се класифицирани како немоногамни видови.

Кај луѓето, уделот на браќа и сестри од исти родители изнесувал 66 проценти, што значи дека ги имало двојно повеќе отколку полубраќа и полусестри. Дабарите биле пред луѓето со 72 проценти, а меркатите веднаш зад нив со 60 отсто. Кај планинските горили, овој процент изнесувал само шест, а кај шимпанзата и делфините – четири проценти.

„Како антрополози, заинтересирани сме да ги разбереме разликите меѓу човечките општества, но ова е чекор наназад и вели: ако бевме кој било друг вид цицачи, веројатно ќе бевме сосема задоволни да се опишеме како моногамен вид“, истакнува Дајбл. Деталите од истражувањето се објавени во Зборникот на трудови на Кралското друштво Б.

Иако шимпанзата и горилите се блиски генетски сродници на луѓето, нивните општества се организирани на многу различни начини. Шимпанзата главно се промискуитетни, при што мажјаците се парат со повеќе женки. Горилите имаат полигини систем, во кој еден „сребрен грб“ се пари со околу половина дузина женки.

Врз основа на моделите на парење кај шимпанзата и горилите, човечката моногамија најверојатно еволуирала преку многу необичен премин од немоногамен групен живот. Причината за тоа не е целосно јасна, но моногамното парење е силно поврзано со еволуцијата на татковската грижа за потомството во животинскиот свет.

Робин Данбар, професор по еволутивна психологија на Универзитетот во Оксфорд, забележува дека претходните истражувања ги поставиле луѓето „точно на границата меѓу моногамни и полигамни видови“. Додека некои животни се спаруваат доживотно, луѓето често ги држат заедно религиозните забрани и другите општествени притисоци.

„Ако овие религии ја изгубат својата сила, брзо се појавува сериска моногамија или полигамија под некое друго име. Постои ризик од мешање на желбата со реалноста: луѓето сакаат полигамија, но се ограничени на неволен облик на моногамија поради општествени или религиски закани“, вели Данбар.

Д-р Кит Опи, еволутивен антрополог од Универзитетот во Бристол, смета дека клучното прашање е како луѓето воопшто станале моногамни.

„Нашите најблиски живи роднини, шимпанзата и бонобо-мајмуните, имаат сосема поинаков систем на парење. Би тврдел дека и промискуитетот кај шимпанзата и бонобоите, и моногамијата кај луѓето, се контрастратегии против машкото чедоморство, кое е изразено кај приматите со голем мозок“, истакнува Опи.

„Женките или се обидуваат да го измешаат татковството преку промискуитет, така што сите мажјаци во групата потенцијално би можеле да бидат татковци, или, пак, обезбедуваат сигурност на татковството, така што еден мажјак е ангажиран околу потомството и го штити“, објаснува антропологот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот