На светот му се заканува масовен глад ако набрзо не се отвори Ормускиот Теснец, предупредува ОН
Работна група на Обединетите нации предупреди дека светот се соочува со криза од масовно гладување доколку Ормускиот Теснец наскоро не се отвори за сообраќај. Според нивните проценки, околу 45 милиони луѓе би можеле да гладуваат поради недостаток на ѓубрива чии патишта во моментов се блокирани, објави Франс24.
Препорачано
Мореира да Силва, извршен директор на Канцеларијата на ОН за проектни услуги (UNOPS), истакна дека една третина од светските залихи на ѓубрива, вклучувајќи амонијак, сулфур и уреа, нормално минуваат низ овој теснец.
„Имаме само неколку недели“
„Имаме уште неколку недели за да спречиме она што веројатно ќе стане масовна хуманитарна криза“, изјави да Силва за АФП. Проблемот е првенствено во времето на земјоделското производство. Сезоната на садење не може да чека“, предупреди да Силва, нагласувајќи дека во некои африкански земји овие рокови истекуваат за неколку недели.
Освен Африка, блокадата особено силно ќе ја погоди безбедноста на храната во Азија. Експертите предупредуваат дека ширењето на кризата е само прашање на време.
„Доколку наскоро не ја спречиме причината за кризата, ќе мора да се справиме со последиците исклучиво преку хуманитарна помош“, заклучи да Силва.
Работната група на ОН вели дека отворањето на теснецот е клучно за стабилизирање на глобалниот пазар на храна, бидејќи отсуството на ѓубрива во оваа фаза од земјоделскиот циклус би можело да има долгорочни последици врз приносите низ целиот свет.
Со недели, Мореира да Силва работи на убедување на завојуваните страни да дозволат дури и неколку бродови да поминат. Toj се сретна со „повеќе од 100 земји“ за да ја собере поддршката на земјите членки на ОН околу механизмот. Сè поголем број земји покажуваат поддршка за планот, рече тој, но САД и Иран, како и земјите од Заливот – кои се клучни производители на ѓубрива, сè уште не се целосно согласни.
Глобалниот фокус е ставен на економските влијанија од ограничената трговија со нафта и гас, но Обединетите нации алармираат за заканата што блокадата ја претставува за безбедноста на храната во светот, при што земјите во Африка и Азија веројатно ќе бидат особено тешко погодени.
ФАО: Храната поскапува, месото руши рекорди, а земјоделците стравуваат од нова криза


