Фото: „Слободен печат“ / Весна Дамчевска

На социјалните мрежи панично се споделуваат цени од сирење, кашкавал…

Се забележува дека откако во трговијата се појавија цени од повеќе од 700 денари за килограм кравји кашкавал и приближно 500 денари за кравјо сирење, што беа масовно споделувани во јавноста, во дел од маркетите тие преку ноќ почнаа и да се коригираат

На социјалните мрежи граѓаните панично споделуваат фотографии од цените на млечните производи. Производите стануваат сè понедостапни за македонските плати. Во продавниците има големо шаренило од цените, но може да се забележи дека откако во трговијата се појавија цени од повеќе од 700 денари за килограм кравји кашкавал и приближно 500 денари за кравјо сирење, што беа масовно споделувани во јавноста, во дел од маркетите, тие преку ноќ почнаа и да се коригираат, па вчера осамнаа и пониски цени: кравјото сирење чини 400 денари, а кравјиот кашкавал од одредени производители може да се купи за околу 550 денари.

Економистите се децидни – нивото на цените се формира во корелација со куповната моќ. Или поинаку кажано, компаниите мора да ги намалат своите трошоци и профити за да има кому да продаваат. Секако, и тоа има граница – сè до исплатливоста на компаниите.

Според Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, цените на млечните производи се резултат на сегашниот недостиг на сурово млеко, но и на растот на трошоците за производство.

„Предизвиците во македонската млечна индустрија не се ништо ново. Ако се потсетиме на 2011-та и 2016 година, ќе видиме дека темите биле исти. Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не станува збор за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувањa“, велат од Групацијата.

Фактот дека сме увозно зависни и дека во околните земји има недостиг на млечни производи, а и цените главно се повисоки, не влева многу оптимизам.

„Слободен печат“ ги разгледа онлајн понудите во Србија. Пребарувањето на страниците на повеќе онлајн продавници покажа дека нема понуда на класичен кашкавал и на сирења. Наидовме на актуелна понуда на тврдо сирење „Гауда Паладин“, што го има и кај нас, но во Србија со значително повисока цена, односно се продава по наши 1.000 денари за килограм.

Пребарувањето на понудата на хрватските официјални страници на „Лидл“ и на „Кауфланд“, не покажа промотивна понуда на кашкавали и на сирења, единствено може да се види реклама за јогурт „Збрегов“ со масленост од 2,8 проценти, кој на акција чини 100 денари за литар. Во црногорската онлајн продавница Мојсупермаркет.ме има поголема понуда на млечни производи и цените се слични на нашите: овчи кашкавал „Виндија“ во наши пари е 1.000 денари за еден килограм, фета-сирење од „Шабачка млекара“ е 100 денари за 250 грама, сомборска фета – половина килограм е 200 денари, а од нашата млекарница „Здравје Радово“ еден килограм пакувано мешано сирење е 535 денари.

Производителите на млеко, пак, не се задоволни од цените. Тие велат дека суровото млеко се откупува од 24 до 28 денари за еден литар, а дека влезните трошоци значително им се зголемиле. Исто така, тие нагласуваат дека низ годиниве значајно е намален сточниот фонд.

Во август, Заводот за статистика евидентирал раст на цените во ставката „млеко, сирење и јајца“ за 26,9 отсто во однос на ланскиот август. Во Црна Гора, пак, растот на цените во оваа ставка бил 34,2 отсто, а во Србија 23,5 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот