На првиот тест на „Сејф сити“ паднаа 110 илјади возачи, Тошковски ветува дека ќе нема селективност во казнувањето
Начинот на кој ќе се санкционираат странските државјани, пак, ќе биде сосема поинаков од начинот на казнување на македонските граѓани, земајќи предвид дека странските возила не се регистрирани во базата на податоци на МВР, со што странците не можат да бидат казнувани на ист начин како домашните. Како што брифираше Тошковски, секое возило со странски регистарски таблички што ќе направи прекршок што ќе биде евидентиран од системот, казната ќе треба да ја плати на излез од државата, бидејќи доколку казната остане неплатена, на возачот ќе му биде забранет влез во Македонија до плаќањето на глобата
Повеќе од сто илјади сообраќајни прекршоци во првите 24 часа од тестирањето на системот „Безбеден град“ се доказ за граѓанската неодговорност во сообраќајот, но и за огромниот предизвик со кој ќе се соочат луѓето од другата страна на камерите, откако системот целосно ќе се пушти во функција. Освен што во првото деноноќие покажа дека е ефикасен, тој пројави и одредени нерегуларности. Тестирањето отвори многубројни прашања за висината на казните, за начинот на санкционирање, како и скептицизам околу селективноста на казнувањето.
Препорачано
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во првите 24 часа од тестирањето биле евидентирани околу 110.000 прекршоци.
– Тоа е катастрофална бројка. Околу 1.000 прекршоци се однесуваат на нерегистрирани возила, околу 5.000 за поминување на црвено, но најстрашното е што над 90 отсто се за пречекорување на брзината – нагласи Тошковски.
Пропустите ќе се надминуваат
Тој призна дека при пуштањето во употреба на системот се забележани пропусти и слабости. Одредени граѓани добиле опомена за возило што не е во нивна сопственост.
Се размислува да се промени почетниот датумот на казнување со „Сејф сити“
– Во однос на слабостите на системот, констатиравме дека за мал број прекршоци не соодветствуваат фактичките податоци во записникот со идентитетот на оној што ја примил пораката. Го знаеме проблемот, беше споделен и на социјалните мрежи, ќе утврдиме точно за причините и секако ќе го коригираме. Ова е тест-период и целта е да ги запознае граѓаните за она што треба да следува во иднина – посочи Тошковски.
Изјавите на министерот дека системот може да биде оперативен и подоцна од 1 јануари, што е предвиден датум на почнување, отворија дилеми околу подготвеноста на предлог-измените на законите што треба да поминат во Собрание.
И со 51 км/ч камерата ќе ве улови – погледнете како изгледа записник за сообраќаен прекршок
Во однос на толеранцијата во брзината, од МВР сè уште немаа конкретен одговор за тоа дали ќе има нулта толеранција, или ќе има „замижување“. Министерот изјави дека во Европа има примери без толеранција во брзината (Швајцарија, Белгија…), но има и примери каде што толеранцијата изнесува до 10 отсто над дозволената брзина. Се размислува според кој систем ќе се казнува кај нас. Камерите сега се поставени на територија на Скопје, Тетово, Куманово, како и на коридорите 8 и 10, каде што има технички проблеми за пробно да се пуштат, но во наредните неколку недели и тие камери ќе работат, велат од МВР за „Слободен печат“.
„Сејф сити“ докрај ќе биде неселективен, односно никој нема да биде исклучен од системот за санкционирање.
– Ниеден функционер во рамките на редовно вршење на неговите работни задачи нема да остане поштеден. Веќе неколку шофери на министри се казнети поради сообраќаен прекршок. Доколку повторно направат прекршоци, нема да бидат поштедени, не од „Сејф сити“, туку од полициски службеник. Доколку министерот управува свое приватно возило – ќе биде казнет. Досега најмалку тројца министри се веќе казнети – изјави Тошковски без да ги именува министрите што не ги почитувале сообраќајните правила.
Возилата на Брза помош со пациенти, противпожарни и полициски возила „во акција“, на делегации и на некои министри, на премиерот, на претседателот на Македонија, како и на претседателот на Собранието, односно функционери на кои им следува полициска придружба, ќе бидат изземени како возила со приоритет во сообраќајот. Иако во минатото полициски службеници злоупотребувале сигнални светла, сега системот е најавен како поригорозен и непропустлив.

Странците ќе плаќаат на излез од државата
Начинот на кој ќе се санкционираат странските државјани, пак, ќе биде сосема поинаков од начинот на казнување на македонските граѓани, земајќи предвид дека странските возила не се регистрирани во базата на податоци на МВР, со што странците не можат да бидат казнувани на ист начин како домашните.
Како што брифираше Тошковски, секое возило со странски регистарски таблички што ќе направи прекршок што ќе биде евидентиран од системот, казната ќе треба да ја плати на излез од државата, бидејќи доколку казната остане неплатена, на возачот ќе му биде забранет влез во Македонија до плаќањето на глобата.
– Ниту странските возила нема да бидат поштедени, имаме правила и процедури како ќе се евидентираат и ќе се санкционираат странските шофери, за нив ќе има различен систем за санкционирање. Странските државјани што направиле прекршок, ќе смеат да излезат од државата, бидејќи тоа не смее да им се забрани, но ќе бидат информирани дека доколку не ја платат казната на граничниот премин, ќе им биде забранет повторен влез во државата – соопшти министерот.
Мицкоски: Подготвени сме да го издржиме тој политички удар
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ја поддржува примената на системот „Безбеден град“, како и неговото проширување на целата територија на земјата.
– Некои велат дека тоа ќе донесе критика или политички удар кон Владата. Подготвени сме да го издржиме тој политички удар само да спасиме некој човечки живот. Само во изминатата недела имавме две-три жртви во строгиот центар на главниот град. Еден човечки живот да успееме да спасиме, јас сум подготвен да понесам политичка одговорност. Тие животи се губат поради непочитување на правилата. Видовте за еден ден колку прекршоци се направени, дел од нив беа поради тоа што управуваат возила што не се регистрирани, дел затоа што поминуваат на црвено. Тоа е катастрофа – рече Мицкоски.
Мицкоски: Ја поддржувам примената на „Безбеден град“ и негово проширување низ цела Македонија


