ВИДЕОАНКЕТА | Што мислите за системот „Сејф сити“?
Почнувајќи од оваа седмица, Министерството за внатрешни работи стартуваше со системот „Безбеден град, безбедна држава“, кој автоматски ќе регистрира сообраќајни прекршоци и ќе ги казнува прекршителите. До Нова година е предвиден пробен период.
Препорачано
„Слободен печат“ ги праша граѓаните што мислат за „Сејф сити“ системот, дали мислат дека воведувањето на овој систем ќе донесе ред и безбедност во сообраќајот, дали досега добиле опомена од МВР за прекршок преку „Сејф сити“ системот, и колку често тие во улога на возачи застануваат на пешачки премин и колку често им застануваат кога се во улога на пешак.
Повеќето од анкетираните сметаа дека овој систем е одлична идеја и се надеваат дека ќе продолжи да функционира.
– Системот е одличен. Многу деца загинаа, многу млади возат со дрога и алкохол во нив, мора да се стави крај на ова – вели еден граѓанин.
– Малку сум скептичен дали ќе опстои толку долго да работи системот, дали ќе работи системот, дали ќе ги доставува казните навремено – кажа случаен минувач.
Во првиот ден од пробниот период на овој систем биле регистрирани 65.000 прекршоци од кои 2.800 за поминување на црвено светло и 1.000 за нерегистрирано возило . Ги прашавме граѓаните дали досега добиле порака во вид на опомена, но сите се покажаа како одговорни возачи и изјавија дека досега не добиле порака.
Пешаците пред камерата на „Слободен печат“ се пожалија дека возачите ретко застануваат на пешачки премин.
– Многу ретко ми застануваат возилата за да поминам на пешачки премин – изјави еден од анкетираните.
– Мислам дека сè повеќе застануваат, макар што има и инциденти и моменти каде што навистина не се дисциплинирани возачите и немаат трпение за нас пешаците – се пожали една госпоѓа.


