На муабет со Тања Трајковска, новинарка и цвеќарка: Најубавото цвеќе е букетот кој ќе го добиете без причина

Со Тања Трајковска, препознатливото лице од ТВ-екраните, и по изглед и по збор, муабетиме на тема цвеќиња. Уште е романтична, уште верува во убавите манири и навики, и сѐ уште смета дека вложената љубов е клуч на секој успех, без разлика на професијата.

„Цел живот“ го минавте пред ТВ-екраните, а најдолго останавте во „Телма“. Како го доживеавте збогувањето со „Телма“?

– Животот долго трае и во него има место да сместите многу животи. Таа пркосна, заводлива и, на моменти, зезната игра на животот е чудесниот спој на стапот со двата краја. И точно тогаш, кога ви се чини дека цел живот сте правеле нешто, кога ќе го свртите курсерот за некој степен во друга насока, имате сосем друга перспектива пред вас. Она првото како никогаш да не било. Од едната страна на светот сонцето изгрева, од другата заоѓа. Само на смрзната фотографија изгледа дека тоа е истата сцена. Ако ви се очите широко отворени, точно знаете дека тоа не е истиот кадар.

„Телма“, ах таа „Телма“. „Телма“ функционираше слично како Југославија. Компанијата имаше свој претседател. Под него неколку сектори со кои раководеа началства и принципот одговараше на секој според можностите, секому според потребите. Просторот за индивидуално истакнување не беше пожелен. И додека другите телевизии почнаа вртоглаво да ги следат новите стандарди, кои подразбираа рејтинзи, гледаност, пр-ови, ејч-арови и разно-разни современи, терминолошки и социолошки варијации на тема, „Телма“ маратонски ги трчаше своите последни кругови. Сакаше да остане последниот бастион кој ќе ја брани честа на културата, уметноста, убавата реч и мисла.

Но, тоа беше само идеја, без цврст концепт. Велам, слично како Југославија. Со доаѓањето на новото началство во „Телма“ се сруши целиот концепт, како кула од карти. „Телма“ како никогаш да не постоела. Тоа веднаш значеше редефинирање на сите критериуми и стандарди, тоа значеше и нови луѓе кои веќе беа „инфицирани“ од сѐ она што се случуваше надвор. Спојот на едните со другите беше невозможен. Тоа е како да сакате да создадете српско-хрватска репрезентација во ватерполо. Некои добија откази, некои веќе имаа свои трансфери, некои се прилагодија. Јас отворив цвеќарница.

Од новинарските води запловивте во цветните, отворајќи ја Цветната галерија „Сончевина“. Зошто галерија?

– Галерија е, затоа што просторот е таков. И амбиентот е таков. Внатре има речиси сѐ на тема цвеќе. Огромен број саксиски растенија, во речиси сите големини, од оние по два-три метри висина, па до минијатурни кактуси. Такви се и саксиите во кои ги садиме. Исто и режаното цвеќе. Во „Сончевина“ има и сончогледи од дворот на баба Душка и еквадорски ружи, холандски хризантеми, диви орхидеи и хортензии, гебери. Ние од свечаноста на клиентите создаваме бајка. Има и книги, свилени марами, парфеми, купки, сапуни, масло од лаванда, миризливи свеќи, свеќници, столни лампи, кристал, тантела, сатен… Во „Сончевина“ има многу љубов. Ете затоа е галерија, затоа што внатре има уметност насликана од мириси, бои и фини нешта. Не сте дошле, дојдете, ќе видите.

Како „падна“ одлуката да се пренасочите во оваа професија? Зошто, баш, цвеќиња?

– Откако „падна“ телевизијата со сета нејзина суштина, „падна“ и таа одлука. Оттука тргна и целата приказна. Сфатив дека јас не знам да се справам со новите концепти кои се дел од играта „ич или брич“. Што и да се обидете да работите кај нас, во ова време-невреме, ќе ви треба многу да го виткате ‘рбетот, многу да се правите наудрен, а кога ќе ве прашаат дома како помина на работа, ќе треба да излажете нешто, оти тоа што се случува во моментов не е ни за сам себе да си го кажете, а камоли да се обидете да прераскажете. И така, решив дека ќе отворам нешто свое, за да можам колку-толку да си се потпирам на своите стари столбови, изградени во времето кога материјалот беше квалитетен, а за фушерај се плаќаа пенали. Се двоумев помеѓу продавница за колачи или продавница за цвеќе. Прашањето беше дали вкус или мирис. Ја одбрав миризбата. А, колачите дома ги правам.

Како преку новата професија, преку природата, ги искажувате вашите артистички афинтети?

– Принцип е во прашање. Ако се вложувате со сето срце кога готвите, читате книга, слушате некого што ви зборува, кога пеете, танцувате, или садите цвеќиња, секогаш ефектот ќе биде тој. Производ кој прво вам ќе ви се допадне, а потоа и на другите. И друг пат сум го кажала ова. Баба ми кога ме учеше на лекциите на живот, вака ми рече – „и семки да продаваш во животот гледај да го правиш тоа најдобро на свет. Гледај фишекот да ти биде најубав, солта најубава, немој да ги наквасиш многу да не бидат глецави, немој да ги препечеш, и сервирај ги убаво.

За шест месеци ги научив сите растенија. Од каде потекнуваат, како се одржуваат, како се пресадуваат, како се полеваат. Го научив и карактерот на цвеќињата. Кое со кого сака, кое со кое не се трпи, кое сака да има централна позиција, кое избeгнува погледи и е сремежливо, кое сака внимание, кое не, кое е радосно, кое е тажно, кое го негува машкиот принцип, а кое женскиот. Во меѓувреме, искреирав приказни за нив кои им ги раскажувам на купувачите. Така што, ова е една голема приказна во кое секој купувач претставува едно мини цветно интервју. Уживам и во цвеќињата и во луѓето кои доаѓаат и ги купуваат. А, свадбите, крштевките, родендените, тоа е посебна приказна. Тоа е како кога ќе ви дадат полјана со цвеќиња, бескрајно време и ви велат оставаме на вас да ни ги направите аранжманите за нашите најсвечени моменти во животот. Тоа уживање нема цена.

Трајковска:Луѓето кои сакаат и купуваат цвеќе, главно се среќни и задоволни луѓе.

Подарувањето цвеќе е знак на внимание, ама и на љубов. Кои ви се почести клиенти, оние „внимателните“ или оние вљубените? Најпосле, има ли клиенти кои си купуваат цвеќиња за себе?

– Има. Сум ги чекала и јас таквите. Тоа се најчесто млади и убави девојки. Не тажни и осамени. Не тие. Туку оние кои точно сакаат сами себеси да си направат задоволство. Сами себе да си подарат вредност и внимание. Сум ги гледала кога си заминувале. Тоа е елегантен, грациозен од, тоа е исправена, виспрена става, тоа е чекор кој ја знае насоката. Инаку, што се однесува до поводот, најчесто поводот за купување цвеќе е љубов. Кога се нарачува букет од љубов, тогаш мажите велат – „направете ми го најубавиот букет“. Кога правам таков букет уживам во радоста на жената која ќе го добие. Знам дека е најубавата, бидејки е среќна.

Кои се најтешки клиенти? Кои се најпроблематичните аспекти на вашата работа?

– Немам такви искуства. Луѓето кои сакаат и купуваат цвеќе, главно се среќни и задоволни луѓе. А оние кои работат со цвеќето двојно повеќе.

Кое е, според вас, најромантичното цвеќе и зошто?

-Најубавото цвеќе е букетот кој ќе го добиете без причина.

Може ли да ни раскажете некоја случка од „Сончевина“ која најмногу ве разнежнила?

– Се воодушевувам на мажи кои имаат трпение и кои внимателно и без да брзаат го одбираат подарокот и букетот за својата жена, потоа мажи кои бараат само венчелистчиња од црвени рози. Ги сакам и оние кои три дена однапред го нарачуваат букетот за својата жена. И оние, кои бараат ние да заѕвониме на врата и да ѝ го доставиме букетот. Има неколку мажи кои секоја недела купуваат цвеќе за своите жени, воглавно се тоа господа од „разумесе“.

Цвеќето е убав гест, добар манир. Имаат ли добри манири Македонците?

– И помеѓу Македонците и Италијанците и Швеѓаните или Американците имате мажи со добри манири и мажи без манири. Исто така и жени со или без манири. Не би правела поделба по било кој друг основ. Не се важни тука ниту статусот ниту образованието, ниту возраста. Манирите се учат дома, од манирите не треба да се срамите, манирите се најубавата карактеристика на еден маж или жена. Најубавиот подарок и наследство од родителите. И без разлика што сега дојде време на „инфлуенсери“, силикони и вештачки нокти, сѐ се ова ефтини, инстант приказни за една ноќ, чие време брзо ќе одмине. Овие луѓе најчесто ја забораваат подарената роза. А, добрите манири се букетот на човекот за сите времиња, кој никогаш не венее.

Какво цвеќе сакате вам да ви подарат?

– Не знам. Сите. Најчесто не гледам во цвеќето кога ми го подаруваат. Гледам во очите. Колку светкаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот