Филип Јованов, Македонец роден во Швајцарија, е еден од шампионите на „SwissSkills 2022"/Фото: МИА

На Филип Јованов, Македонец роден во Швајцарија, водоинсталатерските вештини му донесоа шампионска титула на „SwissSkills 2022″

Македонец роден во Швајцарија, по потекло од Радовиш – Филип Јованов освои бронзен медал и стана еден од годинашните шампиони на саемот „SwissSkills 2022″ што се одржува во Берн.

Како што јави известувачот на МИА, Јованов е проектант на водоинсталации, а занаетот „го печел” низ швајцарскиот модел на дуално образование. Откако најпрво се остручил за водоинсталатер, работел две години, а потоа го продолжил усовршувањето уште две години и се стекнал со звање проектант.

Како што изјави Јованов пред почетокот на синоќешната церемонија за доделувањето на наградите, не мора и не е секогаш важно да се заврши факултет, туку најважно е да се работи тоа што се сака, без да се трча по диплома.

– Го избрав водоинсталатерството зашто и мојот брат го работи тоа. Не мора баш да се оди на факултет ако сакаш да напредуваш, можеш и преку стручно усовршување. Во Швајцарија е полесно да најдеш работа, бидејќи од 16 години државата ти го овозможува тоа. Според мене не е битно да земеш многу дипломи, туку да го правиш тоа што го сакаш, што вистински ти се допаѓа, рече Јованов за македонските новинари кои се во посета на саемот.

На посебна церемонија „SwissSkills” синоќа ги избра најдобрите, доделувајќи златен, сребрен и бронзен медал во 85 професии. Тие претходните денови и практично пред посетителите ги демонстрираа своите вештини.

Саемот почна во средата, на 7 септември, а завршува денеска со програма посветена на семејствата, поради што се очекува најбројни посетители да бидат родители со деца – идни средношколци.

Над 1. 000 професионалци во преку 150 струки се дел од годинашниот “SwissSkills 2022”.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот