На денешен ден пред 78 години е роден „Царот“, легендата на Македонските народни приказни, Ѓорги Колозов
На денешен ден во 1948 година во Богданци е роден Ѓорги Колозов, еден од најпознатите актери во Македонија, кој е запаметен по неговите извонредни толкувања на разни типски ликови од народно творештво како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ. Уживал популарност и во македонската дијаспора, во Австралија, Соединетите Држави, како и во соседните држави на Балканот.
Препорачано
Неговата популарност била резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирката народни преданија од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и други.
Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците.
Почнувајќи од 1984 година, со серијата која првично била насловена како „Легенди и преданија“, па од 1986 до 2003 година како телевизиска серија „Македонски народни приказни“ во продукција на МРТ, имал снимено околу 300 епизоди.
Настапил во повеќе играни филмови како во македонска продукција така и во продукција на Вардар Филм во периодот на поранешна СФРЈ, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, „Нели ти реков“, „Истрел“, „Тетовирање“ и други.
Во 2016 година од страна на Државниот архив на Република Македонија биле објавени документи според кои Ѓорѓи Колозов бил следен од страна на Управата за државна безбедност во времето кога бил студент.
„Пиј си тутун, пиј си каве, азното само ќе си дојди“, една од најпознатите реплики од Македонските народни приказни изговорени од единствениот кому му прилегаше да ја игра улогата на цар.
Почина на 13 октомври 2003 година во Скопје, но неговиот лик и дело живеат и денес, особено преку народните приказни кои го одбележаа детството на многу генерации и сè уште важат за едни од омилените.
Она што отсекогаш го велел за себе, е тоа дека не сака да се наметнува на публиката, туку сака таа да го засака преку неговите дела, а токму тие дела живеат и денес, 23 години по неговата смрт.


